Германскиот „Реал“ е повторно во Бундеслигата
5 мај 2014Фудбалерите на Келн во неделата го прославија пласманот во првата Бундеслига пред повеќе од 50 илјади навивачи и со убедлива победа над Сенкт Паули од 4:0. На радоста и немаше крај кога капитенот Мишо Бречко го подигна во рацете пехарот за освојувањето на првото место во втората лига. Но, ова е клуб кој во минатото прославуваше далеку поголеми и поважни трофеи. Последниот таков беше освоен во далечната 1983 година во германскиот куп. Оттогаш до денес, клубот бележи надолна линија. Сѐ до 1998 година, Келн заедно со Хамбург беше единствениот клуб- основач на Бундеслигата кој се натпреварува непрекинато во неа. Оттогаш навивачите на Келн по петти пат ја пејат песната „Втора лига- никогаш повеќе“.
Дамнешно минато се времињата кога Келн секоја сезона се бореше за титулата и редовно настапуваше во европските купови. Во 60-те години, кога тимот ја освои титулата во првата сезона од новоформираната Бундеслига, Келн важеше за „Реал Мадрид на Западот“.
Во средината на 90-те години, Келн веќе стана предмет на подсмев: безброј тренерски промени, купување скапи, истрошени ѕвезди, сето тоа доведе до големи финансиски проблеми и долгови, кои и денес се отплаќаат.
Актуелното раководство најавува дека таквата состојба ќе ја промени на долг рок. Изработен е петгодишен план чија круна треба да биде пласманот во европските натпреварувања. За обезбедувањето опстанок во лигата воопшто не треба да се стравува.
Уште по последното испаѓање од Бундеслигата во 2012. година, тимот беше речиси целосно реновиран, а шанса добија играчи од младинската школа, како младиот голман Тимо Хорн кој беше прогласен за најдобар на својата позиција во втората лига. Како клучно се покажа и враќањето во клубот на искусниот Патрик Хелмес, кој исто така потекнува од школата на Келн.
По подолго време, Келн има и тренер со визија и план. Австриецот Петер Штогер, го напушти својот некогашен тим Австрија Виена со кого обезбеди настап во Лигата на шампионите, за да го преземе Келн во втората лига. Штогер преферира офанзивна игра и неговата филозофија следната сезона ќе биде пред голем испит, кога младиот тим на Келн ќе се соочи со најдобрите германски тимови.
Сепак, навивачите и раководството се убедени дека најлошото е зад големиот клуб. „Втора лига никогаш повеќе!“ повторно се пее низ Келн.