Германскиот канцелар Ангела Меркел ја заврши посетата на Кина
23 мај 2006Со 38-часовниот престој во Пекинг и Шангај Меркел ја заокружи серијата посети на светските сили – претходно таа беше во Соединетите Американски Држави и во Русија. Што донесе нејзината посета на Кина?
Во однос на горливата светска политичка тема, иранската атомска програма, според Ангела Меркел постои обострана согласност: „Кина и Сојузната Република се на мислење дека конфликтот треба да биде решен по дипломатски пат и оти Иран не смее да дојде во посед на атомско оружје“. Меркел пренесе дека двете земји заеднички ќе работат да бидат остварени тие цели.
Не беа заобиколени ни човековите права во Кина, кои „имаат извонредно значење за продлабочувањето на односите“ – како што вели канцеларот: „Токму како и денеска кај премиерот, се покажа дека на кинеска страна има отвореност на таа тема да и’ се посвети засилено внимание“.
Посебно место во разговорите и во активностите на придружбата на Меркел имаа економските односи. Централна тема притоа: заштита на интелектуалната сопственост. Странски претпријатија се жалат на загуби со износи изразени во милијарди поради илегалното копирање од кинеска страна, кое опфаќа се’ – „од игла до локомотива“. Германија посебно беше сензибилизирана за оваа тема откако Кинезите навестија дека ќе прават своја верзија на супербрз воз врз магнетно перниче, каков што, инаку, произведува Сименс и со кој Меркел се возеше изутрината од Шангај до аеродромот.
„Кина радо посакува увоз на напредна технологија од Германија и ние свечено ветуваме дека сакаме да ја штитиме интелектуалната сопственост“ – нагласи кинескиот премиер Вен Џијабао.
Хајнриих фон Пирер, претседател на германскиот Форум за Азија и Пацификот укажа: „Овде има закони за интелектуалната сопственост, всушност станува збор за тие да се применат. Законите се приближно како германските. Ако им се сврти внимание на нивното кршење, по правило Кинезите реагираат и го запираат производството. Но, земјата е голема и тоа не е секогаш можно“.
Меркел по ова прашање застапуваше решителен став. Кина мора да научи „со заштитата на интелектуалната сопственост така да се однесува, како што сме ние навикнати“ рече таа и едноставното копирање туѓи производи го означи како кражба. „Кина тврдо преговара, па и ние мораме тврдо да се спротивставиме и јасно да кажеме дека немаме ништо да подариме“ – рече канцеларот.
Инаку, потпишани се 19 договори. Според кинески извори, постигната е спогодба за трансфер на германска технологија за продолжување на трасата на супер-брзиот воз Трансрапид од Шангај до градот Хангжоу, во должина од 170 километри, проект вреден 4 милијарди евра, но дефинитивен договор уште не е потпишан. Сименс доби налог за изработка на развоен проект за локомотиви со шест оски, кои би биле заеднички градени со кинески партнери. Станува збор за 500 локомотиви, значи за проект вреден милијарди. Сименс постигна и рамковен договор за испорака на комуникациона техника за две кинески телекомуникациони фирми. Кинеската воздухопловна компанија Ер Чајна пристапи кон Стар Алијанс, најголем светски сојуз на авио-компании, предводен од Луфтханза. Претпријатието Солар Милениум потпиша рамковен договор со две кинески претпријатија за реализација на соларно-термички централи со вкупна сила од 1000 мегавати.