Германскиот канцелар Ангела Меркел сака да ја унапредува заштитата на климата
4 јули 2007Ангела Меркел најави до крајот на годинава донесување сеопфатен пакет мерки посветени на енергијата. По средбата со претставници на електроенергетските концерни, на индустријата и на здруженија на потрошувачи и на заштитници на природната околина, што се одржа во Берлин, Меркел констатира дека натаму не може да се продолжи како досега.
Во дијалог со стопанството, сојузната влада има намера до 2010-та секоја година да го проверува остварувањето на целите за заштита на климата. “Најдлабоко сум уверена дека заштитата на климата е предизвикот на 21-от век. На тоа, тогаш, мора да реагира енергетската и политиката за климата” – рече Меркел. “Германија, самопосебе разбирливо, ќе го даде својот придонес кон остварувањето на целите”, додаде канцеларот и најави дека во август владата ќе расправа за основите на пакетот мерки.
Ќе стане збор за плановите за санирање на згради за да се обезбеди заштеда на енергија, зафат кој ќе чини повеќе милијарди евра, потоа за штедење енергија кај електричните апарати, изградба на комбинирано производство на струја и топлина, како и за поголема конкуренција на пазарот на енергија. Цел на сите мерки е до 2020-та година емисиите на јаглен диоксид во атмосферата да бидат намалени за 40 насто, а уделот на обновливи енергии, од сегашните шест, да се зголеми на 20 проценти. Исто така треба да биде удвоена заштедата на енергија во производството.
Канцеларот нема намера да го менува коалициониот договор за напуштање на користењето атомска енергија. “На стопанството му рековме дека во овој легислативен период не е на повидок решение што би било еднакво на промена на коалициониот договор” – рече Меркел.
Индустријата го критикуваше опстојувањето на владата врз напуштањето на атомската енергија. "Оти, на крајот граѓанинот ќе мора да плати за тоа дека сојузната влада, општеството би сакале да сторат повеќе за заштита на климата. Чесно би било владата тогаш да им каже на граѓаните колку ќе ги чини ова” – вели Вулф Бернотат, шеф на електроенергетскиот концерн Е.ОН.