1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германски ученици наместо на екскурзија волонтираат во Македонија

Антоанела Димитриевска18 мај 2012

Матуранти од гимназија во Штутгарт заедно со двајца професори во Македонија градат игралиште за деца во соработка со германското невладино здружение „КуКуК“, македонското „Надеж“ и Германската Амбасада во Скопје.

https://p.dw.com/p/14xH3
Фотографија: Schüler Helfen Leben e.V.

Невладината организација „Надеж“ сместена во бараки во скопската населба Шуто Оризари повеќе од 15 години им помага на тамошните деца, но и на децата во останатите скопски населби, образовно, креативно и рекреативно. Во соработка со невладиното здружение „КуКуК“ од Германија има повеќе проекти со кои пред се’ им помага на децата, а со млади волонтери од Германија им помага на децата Роми полесно да учат, и ги потикнува да бидат редовни на училиште.

Затоа и решивме преку овој проект да им го разубавиме просторот околу нашите бараки со детско забавно игралиште со реквизити, потенцира за Дојче веле, Весна Бојаџиска од „Надеж“. „Значи да бидат тука во еден круг каде што ќе можеме да ги пазиме, да ги користат овие реквизити. Да можат истовремено да се дружат и со децата од Германија, коишто овозможуваат тоа да се прави. Значи нашата цел е едукативна и социјална инклузија на децата“.

Децата од Шуто Оризари за првпат добија детски забавен парк со игралиште

Децата Роми се пресреќни за изградбата на детскиот забавен парк и цело време беа до нивните поголеми другари од Германија. Тие се запознаа, сакаа да ги научат по некој збор на македонски јазик, а и децата научија по некој на германски јазик. Цело време весело трчаа околу нивните гости и колку што можеа им помагаа.

Menschen in Suto Orizari
Игралишта за децата во Шуто ОризариФотографија: Petr Stojanovski

Антонио Шакири има 12 години. „Во Шутка нема игралиште. Затоа ние го поминуваме времето тука. Кога ќе го направат игралиштето ќе ни биде уште поубаво“.

Гилатма Камбери има 11 години среќна ни вели: „За машките прават игралиште за кошарка и мал фудбал, а за девојчињата прават лулашки, игралиште за тенис, одбојка, за тоа ни помагаат поголемите ученици од Германија. Во Шутка нема игралиште и затоа ќе доаѓаме тука да си играме“.

29-те германски матуранти заедно со двајца наставници доброволно и непрекинато со голем ентузијазам волонтерски работат и покрај студеното време и дождот, а со цел навреме да ги завршат работите. Првата фаза од проектот е завршена и игралиштето е свечено пуштено во употреба. Но работите продолжуваа, наскоро ќе стигне нова група германски ученици, кои ќе го доопремуваат забавниот парк.

Учениците волонтираат во Македонија

Даниел Лајблинг е професор по математика и физика од Гимназијата во Штутгарт.  „Во Македонија бев првпат во декември, па во јануари, сега сум по третпат. Ми се допаѓа Македонија. Доаѓам тука затоа што сакам да помагам, на тие на кои помошта им е неопходна. Ме радува што дојдовме на вистинското место во Шутка, каде живеат сиромашни деца- Роми, на кои им е потребна нашата помош“.

Негова ученичка, која е дојдена со другарите во Шуто Оризари е и 18 годишната Хенриете Хинк. „Во нашето училиште има социјален проект и јас решив да се приклучам затоа што сакам да помагам. Ми се допадна Македонија и Шутка. Ние одлучивме наместо на екскурзија со шетање по Европа да одиме во балканските земји и да им помагаме на децата на кои им е потребна помош. Видов дека во Шутка има многу сиромашни деца, а среќна сум што барем малку им помогнавме на овие деца да бидат посреќни“.

Roma Kinder in Suto Orizari
Игралишта за децата во Шуто ОризариФотографија: Petr Stojanovski

Лена Гро Траутман 19 годишна Германка е втора волонтерка на „КуКуК“ во невладината „Надеж“ во скопската населба Шуто Оризари. Таа тука е скоро една година и одлично зборува македонски. Вели дека ја сака Македонија и среќна е што може да им помогне на децата. Омилена е меѓу децата Роми, ги учи и знае да им го разубави денот. „Бидејќи јас сум од Германија, јас имам многу привилегии, а децата од Шутка немаат ништо, тоа за мене не е фер. Децата имаат право на убав живот, а децата во Шутка тоа го немаат. Затоа јас сакам да помагам, се трудам колку што можам“.