1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германски печат: Патот кон промена на името е трасиран

ЕМФ
20 октомври 2018

Отворањето на патот за уставни измени во Македонија со внимание го следат и германските медиуми.

https://p.dw.com/p/36sKN
Mazedonien Parlament
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Поради седницата која се одржа во доцните вечерни часови, за настаните во македонскиот парламент и пристапувањето кон уставни измени информираат онлајн-изданијата на германските весници, како и двата канала на германската телевизија, АРД и ЗДФ, но и многу регионални радија и приватни медиуми. Притоа се пренесуваат информации за гласањето во парламентот, неизвесноста која претходеше, а се прави и кус преглед на спорот за името со Грција.

„Цајт онлајн“ во текстот со наслов „Парламентот го трасира патот кон Република Северна Македонија“, пишува дека е направен „важен чекор за надминување на спорот за името“. На крајот на текстот се оценуваат изгледите за Преспанскиот договор во парламентот во Атина:

„Договорот за промена на името треба да биде прифатен и од страна на грчкиот парламент. Но, и во Атина има проблеми да се најде мнозинство. Судирот неделава доведе до оставка на грчкиот мниистер за надворешни работи Никос Коѕијас.“

Гласање во парламентот

Весникот „Ханделсблат“ во опширниот текст за настаните во Македонија ги пренесува и честитките по гласањето. Во текстот „Скопје го трасира патот за промена на името - честитки од сите страни“, се содржани реакциите на грчкиот премиер Алексис Ципрас, претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, како и на Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини и еврокомесарот Јоханес Хан. „Ханделсблат“ одвојува простор и за изјавата на пратеникот Зекир Рамчиловиќ, кој е еден од осумтемина опозициски пратеници кои гласаа „за“ пристапување кон уставни измени:

„Зекир Рамчиловиќ, пратеник од националистичката опозиција, за весникот 'Вечер' ја објаснува промената на ставот кон ДА за промена на уставот. Секој чекор наназад ќе имал штетни последици за Македонија и нејзините граѓани, изјави тој. Затоа тој и други пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ја донесле оваа 'тешка, но одговорна одлука'.“

Заев: Историски ден за нашата земја

Австрискиот весник „Ди пресе“ во извештајот за Македонија оценува дека „по 30 години судирот меѓу Атина и Скопје наскоро би можел да биде завршен“. „Македонскиот парламент сега го отвора патот за измени на уставот, со кои малата балканска земја би можела да излезе од долгогодишна изолација“, констатира весникот, но предупредува дека „сепак, сѐ уште сѐ зависи од Грција“.

„Тиролер Тагесцјатунг“ освен информацијата за исходот од гласањето во Собранието, пренесува и реакции на австриски политичари по седницата во Скопје, меѓу кои и денешната изјава на канцеларот Себастијан Курц:

„Канцеларот Себастијан Курц изјави дека ова дава 'важен ветер в грб за напорите за почеток на ЕУ-преговори за приклучување со Северна Македонија наредната година'. Актуелниот претседавач со Европскиот совет, освен тоа, денеска повтори дека приближувањето на сите држави од Западниот Балкан кон Европската унија е 'важен приоритет за австриското претседателство со Советот'. 'ЕУ ќе биде целосна дури откако сите западнобалкански држави ќе бидат нејзини членки', вели Курц.“