1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како функционира германскиот изборен процес?

Ребека Штауденмајер
24 септември 2017

Во Германија се бира новиот парламентарен состав, а влоговите, се чини, се поголеми од кога било досега. Мал пресек на најбитните работи поврзани со изборниот процес.

https://p.dw.com/p/2kVwz
Deutschland | Wahl des Bundespräsidenten | Vorbereitungen
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Jensen

Германија има ноторно комплексен изборен систем за Бундестагот, или долниот дом на парламентот. Системот ги комбинира директната со пропорционалната застапеност со цел одбрана од изборните грешки низ германската историја, кои доведоа до длабока политичка фрагментација за време на Вајмарската република меѓу Првата и Втората светска војна.

Кој може да гласа?

Парламентарните избори во 2009 и 2013 година донесоа значителен пад на излезноста на изборите на околу 70 проценти, но со растот на популистичките движења кои привлекуваат негласачи од покраините, се очекува бројките годинава значително да пораснат. Годинава, според германскиот Завод за статистика, 61,5 милиони луѓе со наполнети 18 години имаат право да гласаат на парламентарните избори. Од нив, 31,7 милиони се жени и 29,8 милиони се мажи, а од вкупниот број околу 3 милиони граѓани ќе имаат можност за првпат да гласаат. Повеќе од една третина од германските гласачи- 22 милиони - се постари од 60 години, што значи дека постарата генерација има особено влијание врз изборниот резултат.
Најголем број пријавени гласачи живеат во покраината Северна Рајна Вестфалија (13,2 милиони), следена од јужните покраини Баварија (9,5 милиони) и Баден Виртемберг (7,8 милиони).

Гласачот има право да селектира двајца кандидати. Гласањето е поделено на два дела. На првото ливче се дава глас за кандидат од изборната единица според мнозински принцип, додека на второто гласачот се определува за политичката партија според пропорционалниот модел.

Пратеничките места потоа се делат еднакво - по 299 за мнозинскиот и пропорционалниот глас. Германија е поделена во 299 изборни единици со приближно по 250 илјади жители, и секоја добива по еден претставник.

Deutschland Bundestagswahl 2013 - Wahlschein
Гласачко ливче за парламентарните избори во Германија во 2013 годинаФотографија: picture-alliance/dpa/F. Rumpenhorst

Втората половина од Бундестагот се пополнува со т. н. „втор глас“ или глас за партијата за кој важи пропорционалниот модел, односно секоја партија добива пратеници според процентот на освоени гласови.

Она што го прави гласањето особено интересно е што гласачот може да ги подели своите гласови меѓу партиите, па на пример, првиот глас да го даде за локалниот кандидат на ЦДУ во неговата изборна единица, а да гласа за Либералите со вториот глас, со цел да му помогне на традиционалниот коалициски партнер на демохристијаните да има повеќе пратеници во парламентот.

„Прелеани“ места

Понекогаш, некоја партија добива повеќе директни места во парламентот преку првиот глас одошто добила преку вториот. Со оглед на тоа што на секој кандидат кој победил во својата изборна единица му се гарантира пратеничкото место, партијата ги задржува тие „прелеани“ места. Оттука, парламентот честопати брои повеќе пратеници од предвидените 598. Актуелниот, на пример, имаше 630 пратеници поради ваквото прелевање.

Deutschland Bundeskanzlerin Angela Merkel
Ангела Меркел во кампањатаФотографија: picture alliance/dpa/M. Kappeler

За една партија да си обезбеди место во Бундестагот мора да освои најмалку 5 проценти од вторите гласови. Овој систем беше усвоен за да се спречат малите партии- како оние во времето на Вајмарската република - да влегуваат во парламентот. Досега пречката од пет проценти беше користена за да им се оневозможи на деснорадикалната НПД и други екстремистички партии да влезат во парламентот.

Во досегашниот состав, во парламентот беа претставени пет партии: демохристијанската ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел и нејзината сестринска партија од Баварија - ЦСУ, Социјалдемократите, Левицата, и Партијата на Зелените.
Според очекувањата, ним годинава би можеле да им се придружат уште две партии: Либералите, кои во 2013 година за првпат не успеаја да ја преминат границата од 5 проценти, како и популистичката, антиимигрантска Алтернатива за Германија (АфД).

Deutschland Wahlkampf Martin Schulz, SPD in Köln
Главниот ривал на Меркел- лидерот на социјалдемократите Мартин ШулцФотографија: Reuters/W. Rattay

Кој го бира канцеларот?

За разлика од претседателскиот систем во САД, гласачите во Германија не го бираат канцеларот директно. Тоа го прави парламентот не подоцна од еден месец по неговото конституирање. Водечкиот партиски кандидат на партијата која освоила најмногу гласови вообичаено успева да формира коалиција. Претседателот, кој е шеф на државата и има церемонијална улога, му го дава мандатот на избраниот кандидат, а парламентот потоа го потврдува новиот канцелар на тајно гласање.
Доколку, како и во претходните три изборни циклуси, ЦДУ освои мнозинство од гласовите, нивниот кандидат за канцелар Ангела Меркел ќе ја добие функцијата и во следните четири години. Во Германија нема ограничување за бројот на мандати на канцеларот. Но досега, по падот на Хелмут Кол, ниту еден канцелар не бил на функцијата подолго од 16 години.