Германски вундеркинд и „вљубеник“ во Караџиќ и Милошевиќ
6 декември 2012Во времето кога тој стапи на литературната сцена писателите носеа очила со дебели, темни рамки и вистински одела. Сенките од поствоените времиња се уште беа надвиснати над Германија, кога едно енергично момче од австриската провинција Корушка, со излижана кожена јакна и долга коса го шокираше книжевниот естаблишмент. Тој на германската современа литература и префрлаше дека е „неспособна за опис“, а поради своето театарско дело „Псуење на публиката“ набрзо стана enfant terrible на тогашната литературна сцена.
Неговите дела, но и сликата која јавноста ја имаше за него, од секогаш беа исполнети со провокација. Во своите книги тој го мешаше Ниче со стиховите на рок бендови, пишуваше за џубоксот исто како и за своите словенски корени. Сопствениот живот му стана материјал за раскажување. Во една од приказните го опиша и самоубиството на својата мајка.
Во текот на 80-те и 90-те години беше тешко да се заобиколи како писател. Неговите книги како „Страв на голманот од пенал“ станаа дел од училишната лектира, а истовремено преведуваше, режираше, го напиша и сценариото за култниот филм на својот пријател Вим Вендерс „Небото над Берлин“. Од некогашен револуционер стана литерат за интелектуалните кругови, повеќекратно наградуван со високи награди.
Спорен политички ангажман
Од 1996 година се ангажираше и политички, и повторно провокативно, а според мислењето на многумина, и на погрешната страна. По распадот на Југославија застана на страната на Србија и протестираше против НАТО бомбардирањата на земјата. Го посети обвинетиот воен злосторник Радован Караџиќ, како и гробот на Слободан Милошевиќ. И пишуваше за тоа.
Неговиот патепис „Зимско патување до реката Дунав, Сава, Морава и Дрина или правда за Србија“, критичарите го растргнаа, а парискиот театар тргна од програмата едно негово дело, поради „политичката заслепеност на Хандке“. Во 2006. година дојде до голем скандал околу доделувањето на наградата Хајнрих Хајне. На крајот, по голем медиумски притисок, Хандке доброволно се откажа од наградата.
Дали е Хандке политички реакционер или поет кој обожува да ја провоцира и торпедира јавноста во нејзиното унисоно размислување? И самиот Хандке одбива да даде конкретен одговор. Се повлече во својата куќа во Париз, а интервјуа дава многу ретко.
Во 2008. ја објави својата книга „Моравска ноќ“, приказна за одисејата низ Европа по трагите на сопствениот живот. Некогашната политичка загриженост и го препушти местото на поетската авторефлексија. Се чини дека Хандке се обидува да ги истера злите духови од минатите години.