Со параглајдер на натпреварот Германија-Франција
16 јуни 2021Параглајдер со мотор го попречи првиот натпревар на германската фудбалска репрезентација на Европското првенство. Непосредно пред да биде означен почеток на натпреварот против Франција, човек со параглајдер се спушти на стадионот во Минхен. На параглајдерот можеше да се прочита барање на еколошката организација Гринпис за „побрзо напуштање на моторите со внатрешно согорување кои се штетни за околината“. Барањето беше насочено против спонзорот на првенството Фолскваген.
Според наводи на полицијата во Минхен, во акцијата настрадале две лица, кои имаат повреди на главите. Активистот со својот параглајдер го допрел и кабелот на камерата која виси над теренот за игра.
Портпаролот на Германскиот фудбалски сојуз, Јенс Гритнер, по натпреварот ја осуди акцијата и рече дека активистот се довел „во опасност и повредил не само себеси, туку и други“. „Тоа е неприфатливо и ќе биде истражено од властите и од страна на УЕФА. Можеше да заврши и многу полошо“, рече Гритнер. УЕФА ја нарече акцијата „безобѕирна“ и „опасна“.
Гринпис се извини што при акцијата биле доведени во опасност луѓе. Организацијата на Твитер напиша: „Се надеваме дека сите се чувствуваат добро.“ Портпарол на Гринпис објасни: „Параглајдерот требаше да лета над стадионот и на теренот да спушти гумена топка со протестна порака.“ Поради „технички причини“, како што се тврди, пилотот бил „принуден да слета“ на стадионот.