Секс за изнемоштени лица на рецепт?
10 јануари 2017Повнимателно погледнато, денешните наслови укажуваат првенствено на медијална автодинамика која обично ја развиваат ваквите теми. „Зелените: Гратис-секс за лицата на кои им е потребна нега“, гласи еден од насловите. „Секс на рецепт“, вели друг наслов. Присутна е и контрапозицијата: „Без проституција на рецепт“.
Искази кои го заоструваат прашањето за кое всушност станува збор, при што често се создава лажна слика, нешто што во оваа изборна година веројатно често ќе го среќаваме. Насловната страница, на која упадливо стои знакот прашалник: „Секс на рецепт за лицата на кои им е потребна нега?“ во срж ја погодува изјавата на портпаролката на Партијата на Зелените за прашања поврзани со нега, Елизабет Шарфенберг.
На реакциите не требаше долго да се чека
Финансирањето на сексуална асистенција за неа би било нешто што доаѓа во предвид, изјави Шарфенберг во интервју за весникот „Ди велт“, дополнувајќи - општините би можеле да нудат советувања околу локалните понуди. Шарфенберг користеше конјуктив, условно граматичко време, заради поттикнување дебата на темата.
Значи, не станува збор за конкретно барање на Зелените. Со тоа што пратеничката на овој начин ја издигна темата на политичко-медијалната бина, предизвикувајќи општо внимание, а сексот и негата на прв поглед делуваат иритирачки, податливо за развој на медијална автодинамика, не требаше долго да се чека на реакции.
Против проституција на рецепт
Заменикот шеф на пратеничката група на СПД во Бундестагот, Карл Лаутербах во разговор за весникот „Франкфуртер рундшау“ се изјасни против проституција на рецепт: предлогот не е на место, зашто во старските домови не треба да постои комерцијална проституција.
Портпаролка на Министерството за здравство истакна дека тукушто е завршена најновата реформа во областа на негата, сметајќи дека со тоа дала одговор.
Претседателот на Фондацијата за заштита на пациенти Еуген Брајш исто така реагираше со остра критика на предлогот: оној кој секојдневно мака мачи да добие помош во извршувањето на секојдневните потреби - одење во тоалет, миење и јадење, има поинакви грижи.
Во Холандија можност постои веќе неколку години
Она што во Германија се чини невообичаено и ново, во Холандија е можно уште од пред неколку години. Таму на лицата зависни од туѓа нега можат да им бидат платени услугите на т.н. сексуални асистентки, односно проститутки. Но, условите за тоа се исклучително строги: засегнатите лица, зависни од државна поддршка, мораат да докажат со лекарски потврди дека не можат да бидат сексуално задоволени на друг начин.
Советувалиштето Про фамилиа во Германија нуди проверка на можноста на поединци да им бидат покриени трошоците за сексуална асистенција од страна на здравственото осигурување, социјалната помош или други форми на државна поддршка. Експертите проценуваат оти многумина мажи и жени со инвалидитет би сакале користење сексуални услуги.
Во домовите за нега темата одамна е позната. „Сексуалност и деменција“, гласи на пример насловот на актуелна брошура, издадена со финансиска помош од Министерството за семејство и Германското друштво за Алцхајмерова болест, конципирано како практичен прирачник наменет за роднините и негувателскиот персонал.
Темата сексуалност во домовите за нега има поголема тежина од посакуваната
И во оваа брошура се споменуваат сексуални услуги, чии трошоци меѓутоа треба да одат на приватна сметка. Во неа е содржана и изјавата: искуствата покажуваат дека редовното практикување секс може да доведе до подобрување во однесувањето на лицата со деменција, кое инаку претставува вистински предизвик и е напорно за сите страни.
Ова е јасно укажување дека темата сексуалност во домовите за нега има поголема тежина од онаа која ние ѝ ја придаваме или сакаме да ѝ ја придадеме во јавните дебати. Во секој случај, на засегнатите и на негувателите не им недостигаат стручна литература и совети. Прашањето, дали сексуалните услуги треба да трошоци покриени од здравствените каси во посебно тешки случаи, со тоа ни оддалеку не е одговорено. Исто така, непрепознатлив е и вистинскиот размер на ова прашање.