Германија одлично заработила од спасувањето на Грција
21 јуни 2018На пратеничко прашање на партијата на Зелените, германската влада положи сметка за тоа колку чинела таа германска „помош“ за Грција, за која редовно се крева толку многу врева кога во Бундестагот треба да се гласа за неа.
Пресметката е сосема јасна: не само што помошта не ѝ донела никаква штета на Германија, туку- и во период кога и онака е тешко некаде може да се вложат пари за да се оствари заработувачка- од 2010 година Берлин од Атина собрал некаде околу 2,9 милијарди евра камата за позајмените пари.
Најмногу добивка дошло од интервенцијата која ја наложи Европска централна банка, таканаречената Securities Markets програма на пазарот на државни обврзници и тоа од мај 2010 до септември 2012 година. Иако таа мерка имаше за цел да ги спушти каматите на хартиите од вредност на државите во криза, каматите сепак беа високи и Грција мораше да плати 3,4 милијарди евра. Во текот на 2013 и 2014 година приходот од каматите доспеваше во таканаречениот Европски фонд за спас (ЕСМ), а инаку каматите од германскиот заем за Грција доспеваа во буџетот на Берлин- и тоа околу 2,5 милијарди евра.
„Германија масовно профитирала од кризата во Грција“
Тоа не е сѐ: тука е и заемот за Грција на германската државна банка за обнова (КфВ) каде што исто така е собрана камата од околу 400 милиони евра. Заклучокот е јасен, смета политичарот на Зелените задолжен за буџетски прашања, Свет-Кристијан Киндлер: „И покрај приказните на десницата, Германија масовно профитирала од кризата во Грција“. Овој опозициски политичар вели дека „не може германската влада да го санира германскиот буџет, благодарение на заработувачката остварена во Грција“.
Повеќе:
-Им оди ли навистина подобро на Грците?
-Свежи ЕУ-милијарди помош за Грција
-Наменски оптимизам во Грција: Кризата е надмината?
За волја на вистината, тука сега не се впуштаме во расправата,зошто и како Грција воопшто се доведе во ситуација непрестано да троши повеќе отколку што има и да мора да се задолжува. Кога се појави сомнежот дека Атина тие долгови никогаш нема да може да ги врати и каматите почнаа да растат до небо во 2010 година на помош мораа да доскокнат Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд за Грција воопшто да биде одржана ликвидна. Така Атина доби околу 274 милијарди евра во такви поволни заеми, но за возврат мораше да се обврзе на реформи и мерки на штедење. Европската комисија потврди дека Грција само во изминатите три години спровела околу 450 мерки на штедење и намалувања на привилегии.
Може ли Грција сега и сама?
За иднината на Грција денеска (21.06.) расправаат и министрите за финансии од земјите од еврозоната. Актуелната програма за помош за земјата во волумен од 86 милијарди евра истекува на 20 септември и министрите во Луксембург би требало да се договорат ако тој крај да протече „меко“: значи колку милијарди евра би ѝ биле потребни на Грција додека не „застане на сопствени нозе“ и започне да позајмува доволно средства на отворените финансиски пазари. Ќе се расправа и за можните олеснувања за Грција за долговите, кои сѐ уште ги има.
Владата во Атина постојано повторува дека всушност успеала да ја извлече Грција од неволја: тамошното стопанство сепак бележи раст, а државниот буџет би бил во плус- ако не би требало да се отплатуваат долговите. Иако грчката јавност со задоволство слуша такви самоуверени изјави, тоа во основа е потполно исто како кога некое семејство кое купило стан и автомобил на кредит сега би рекло дека би му „одело извонредно“ кога не би требало да ги исплатува ратите од кредитот. Долгот постои и единстено прашање е кој и колку заработува на тој заем.
Бидејќи и покрај сите изјави на грчката влада, тамошниот буџет е далеку од здрав: долгот кој се наталожи изнесува 180 проценти од Брутодомашниот производ на земјата- далеку над границата на одредбите за стабилност за земјите од еврозоната, а граѓаните на Грција сѐ уште имаат малку причини за задоволство- имено речиси секој петти работоспособен Грк (барем официјално) е невработен.