Германија нема да се ангажира на југот од Авганистан
6 септември 2007Во минатиот петок германскиот министер за одбрана Франц Јозеф Јунг престојуваше во посета на единиците на Косово. Од Белгија допатува и генерал Џон Кредок, командантот на НАТО, што за обајцата беше можност да разговараат. Тема: мисијата во Авганистан. Кредок знае дека мандатот на единците на Бундесверот истекува во октомври и дека дебатата за тоа во Германија е во полн ек: дали мандатот да се продолжи. Во основа ништо не треба да се менува: Бундесверот останува во Авганистан и натаму ќе ја носи одговорноста на северот од земјата. Министерот Јунг:
„Во секој случај нема да се повлечеме и ќе го дадеме нашиот прилог за безбдноста и обновата. Ќе ја засилиме обуката на авганистанската полиција, зашто пред се станува збор за тоа Авганистан на крајот самиот да биде во состојба да се грижи за сопствената безбедност. Затоа ќе ставиме акцент врз ова подрачје„.
Токму за ова зборуваше генерал Кредок на средбата на Косово. Германците со месеци подвлекуват дека приоритет мора да има обуката на авганистанската армија, за да може самата да ги води битките со Талибанците.
Во главната команда на НАТО во Монс во Белгија, ставот е ист, но лутината е насочена кон тоа што Германците стојат на половина пат. Дури во оваа недела војниците на Бундесверот обучија еден авганистански баталјон кој е веќе во акција на југот од земјата. Меѓутоа, со нив не заминаа и германските инструктори, туку авганистанските војници ги придружуваа Американците.
Командантот на НАТО Кредок со месеци се обидува да го убеди германскиот министер за одбрана барем инструкторите да можат да заминат на југот од Авганситан, но залудно:
„Нема да има никаков ангажман на нашите трупи на југот. Ќе помагаме во исклучителни ситуации, помагаме таму со логистика, но нема да ги испраќаме таму и нашите инструктори„, изјави Јунг и во петокот на Косово. Тој тврди дека околу ова прашање е постигната согласност, што не е сосема точно. Според НАТО, Германците консеквентно го избегнуваат опасниот југ, а се чини, министерот Јунг е решен да му се спротивстави на притисокот на НАТО нешто да смени во таа насока.