1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Каде исчезнаа 9000 деца бегалци?

ЕМФ/дв29 август 2016

Бројот на малолетни бегалци кои се пријавени како исчезнати во Германија е двојно зголемен од почетокот на годинава. Како е можно во земја како Германија илјадници деца едноставно да исчезнат?

https://p.dw.com/p/1JrdA
Фотографија: picture-alliance/dpa/I. Wagner

Голем број од децата веројатно едноставно го продолжиле патувањето - кај роднини, познаници, или во некоја друга европска земја. Но, што е со другите? На 1 јули како исчезнати биле пријавени 8991 деца бегалци кои биле без придружба, соопшти Германската криминалистичка служба (БКА) во одговор на прашањето поставено од весникот „Нојен оснабрикер цајтунг“. Тоа е повеќе од целата 2015 година и речиси двојно повеќе од децата пријавени како исчезнати на почетокот на оваа година (4.749).

Најголемиот дел од исчезнатите, според податоците на БКА, биле млади на возраст од 14 до 17 години (8.046 деца). Но, вознемирувачки висок е и бројот на изсезнати деца бегалци под 13-годишна возраст - 867. Кон тоа БКА ги додава и 78-те изчезнати лица над 18-годишна возраст.

„Нема конкретни сознанија дека дел од децата кои се водат како исчезнати паднале во раце на криминалци“, соопштува БКА. Портпаролка на службата нагласува: „Во многу случаи децата се оддалечуваат плански, за да ги бараат своите родители, роднини или познаници во други германски градови, па дури и во други земји на Европа.“ Кога децата го наоѓаат семејството, германските власти често не добиваат повратна информација, така што во банката со податоци нивните имиња и натаму стојат на листата на исчезнати деца.

Често има и случаи на неколкукратна регистрација, кога децата се пријавуваат на друго место, а немаат пасош или друг документ за утврдување на идентитетот, или затоа што нивното име е напишано поинаку, соопштува БКА.

Deutschland Unbegleitete minderjährige Flüchtlinge
Фотографија: picture-alliance/dpa/W. Steinberg

Што се однесува до Европа, нема актуелни бројки. Европол упатува на проценките од февруари, според кои најмалку 10.000 деца бегалци без придружба исчезнале по доаѓањето во Европа. Како што се вели, бројот во меѓувреме е значително повисок. Многу од децата се сега заедно со семејствата, но не може да се исклучат и случаи на криминал.

Претседателот на организацијата за права на децата Дојче Киндерхилфсверк, Томас Кригер, вели дека застрашувачки високиот број на исчезнати деца буди најлоши стравувања. На младите им се закануваат експлоатација, сексуално злоставување, ропство, па дури и трговија со органи. „Не смееме да се помириме со тоа дека судбината на многу деца и млади е нејасна“, нагласува Кригер. Според него, полицијата и други сојузни служби од една страна, како и германскиот Црвен крст на друга страна, се обврзани да трагаат интензивно по децата.

Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) уште пред неколку месеци предупреди дека малолетниците без придружба кои доаѓаат од конфликтните региони се „далеку најзагрозена група меѓу бегалците“. Тие, без родителска грижа, често се испраќани од семејствата сами за први да стигнат до Европа. Нивната незаштитеност лесно ги претвора во жртви.