Германското обвинителство почна истрага против Фејсбук
21 октомври 2015Државното обнинителство од Хамбург врши истражна постапка против менаџерите на социјалната мрежа Фејсбук поради подбуцнување на народот. По приемот на пријава на 5. октомври, автоматски е почната истражна постапка, изјави портпаролка на Обвинителството. „Се‘уште сме во фаза во која ја проценуваме пријавата“, изјави таа.
Германски „Шпигел“ објави дека пријавата ја доставил адвокат од Вирцбург. Во неа се изнесуваат обвиненија на сметка на тројца високи по ранг претставници на Фејсбук за земјата и странство, а до неа дошла и новинската агенција Ројтерс.
Адвокатот ги обвинува тројцата менаџери дека и покрај укажувањата, не ги избришале пораките на омраза. „Фејсбук секогаш се обидува да прикаже дека не може ништо да се направи“, истакнува адвокатот специјализиран за ИТ-право за Ројтерс. „Притоа, други случаи покажуваат дека Фејсбук може да брише содржини кога тоа го сака“.
„Дали ќе ја подобрите ситуацијата?“
Шефот на Фејсбук Марк Закерберг минатиот месец и‘ вети на германската канцеларка Ангела Меркел оти ќе се погрижи за преземање мерки против паролите со омраза. „Мислам дека мораме да работиме на тоа“, и‘ рече тој на Меркел на манифестација на ОН во Њујорк. На потпрашањето на Меркел-дали планира да ја подобри ситуацијата, Закерберг одговори со „да“.
Уште кон средината на септември германскиот министер за правда Хајко Маас во Берлин имаше средба со претставници на Фејсбук. Во таа прилика Маас беше иритиран од фактот што од Фејсбук на укажување на корисниците можат итно да се отстранат содржини како разголени фотографии, но не и расистички или ксенофобични изјави.
Рекламни спотови пред видеата со омраза
На критика поради деснорадикални содржини е изложена и една друга интернет- платформа. Како што јавува „Шпигел“, видео-платформата Јутјуб очигледно вклучува рекламни спотови пред видеата кои поттикнуваат омраза кон бегалците. Така, пред вакви видеа се емитуваат реклами на познати претпријатија и организации. Засегнати меѓу другите се на пример Луфтханза, Едека, дм, Чек24 и Хенкел.
Фирмите кои плаќаат реклами за тоа дознале дури по укажувањето од „Шпигел“ и побарале отстранување на своите реклами. Сите претпријатија кои биле контактирани се дистанцирале од видеата со омраза, најавувајќи заеднички со Јутјуб да бараат можности во иднина да бидат исклучени вакви инциденти. Од Јутјуб дополнително изјавија дека нивните рекламни партнери можат сами да одлучуваат за тоа какви содржински категории или клучни зборови сакаат да исклучат пред и по нивните реклами. Во случај содржините да се покажат како неадекватни за давателите на реклами, ќе бидат преземени мерки.
„Казни се можни само ретко“
Подбуцнувачките видеа се споредливи и со ксенофобичните изјави на Фејсбук, критикувани од германскиот министер за правда Хајко Маас, потенцираше за „Шпигел“ Холгер Гирбиг од Покраинската организација за медиуми на Северна Рајна Вестфалија. Но, постапувањето против нив е тешко, тврди тој: „Само ретко е можна детална проверка и казна против прекршувањата на медиумските правила“.