1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија им нуди азил на прогонетите Турци

БГ
8 ноември 2016

Германското МНР соопшти дека Турците кои се прогонувани од режимот на претседателот Реџеп Таип Ердоган можат да бараат азил во земјата. Остри критики од Берлин кон Анкара

https://p.dw.com/p/2SJxb
Türkei Kurden demonstrieren in Istambul
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Suna

Германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот изјави дека „Министерството за надворешни работи е солидарно со сите критички интелектуалци во Турција“. Рот во интервју за „Ди Велт“ потврди дека владата подготвено ќе прифаќа апликации.
„Германија е отворена земја за сите кои се политички прогонувани како наш принцип“, рече Рот. „Тие можат да бараат азил во Германија. Тоа не важи само за новинари“.

Рот го критикуваше и прогонот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на опозициските пратеници и критичните новинари и академици.
„Она што се случува во Турција е против нашето разбирање на европските вредности, владеењето на правото, демократијата и слободата на медиумите“, рече Рот. „Затоа нашиот одговор до турската влада е кристално јасен: Не на овој начин!“

Рот дополни и дека Извештајот на ЕУ за напредокот на Турција кој треба да биде објавен во среда, ќе има негативен заклучок. „Европската Комисија е многу загрижена и критична за нештата кои се негативни, или воопшто не се случуваат, во Турција. За жал, во моментов тоа се однесува на многу нешта“. 

Berlin Michael Roth
Германскиот државен министер Михаел РотФотографија: picture-alliance/dpa/B. v. Jutrczenka

Чистката на Ердоган

По неуспешниот обид за пуч против Ердоган во јули годинава, турската влада започна чистка меѓу граѓаните која ги зафати и академиците, медиумите, армијата и судството. Околу 35 илјади луѓе се уапсени, а десетици илјади се отпуштени од своите работни места. Во понеделникот, министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн оцени дека прогонот на критичарите во Турција е сличен на оној во нацистичка Германија.
„Искрено, ова се методите кои беа користени во ерата на нацизмот и тоа е навистина, многу лош развој... кој ЕУ едноставно не може да го прифати“, рече Аселборн. Тој предложи и воведување економски санкции против Турција „за да се реагира на неподносливата состојба со човековите права“.
Но, Германија јасно стави до знаење дека нема да учествува во такви дискусиии дека санкциите кон важен трговски партнер не се предмет на расправа. Анкара, од друга страна, се поотворено ја критикува Германија. Во вторникот, министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу ја обвини Германија дека е водечки поддржувач на милитантните опозициски групи, како курдската ПКК или радикално левичарската ДХКП.
„Германија мисли дека е држава од прва класа, демократија од прва класа, и дека Турција е втора класа“, рече Чавушоглу. „Сакаме да се однесуваат кон нас како кон еднакви партнери“.