Германија дебатира дали Ердоган да ја откаже посетата на Келн
19 мај 2014Весникот „Зиддојче цајтунг“ за претстојната посета на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган во Келн пишува на следниот начин:
„Ердоган сака да води изборна кампања кај неговите германско-турски фанови. Притоа се стравува дека во Германија ќе го донесе оправданиот гнев кој го предизвикува дома со неговиот авторитарен стил на владеење со кој дури се презираат жртвите од катастрофалната рударска несреќа во Сома. Затоа тој, освен кај неговите приврзаници, не е добредојден во Келн. И тоа и не може да биде. Сепак, поради тоа шеф на влада на држава тесно поврзана со Германија сѐ уште не е персона нон грата во дипломатска смисла. Тој има право да настапува овде, иако тоа на многумина не им се допаѓа. Меѓутоа тој самиот би требало да увиди дека во моментов не би имало смисол да опстојува на неговиот настап“, смета весникот „Зиддојче цајтунг“.
Весникот „Зидвест-пресе“ од Улм е убеден дека турскиот премиер загубил секаков контакт со реалноста: „Ердоган ја води Турција во стил на еден деспот од Третиот свет. Иако посетата сега официјално изгледа поинаку, уште пред последните случувања беше јасно дека Ердоган оваа платформа ќе ја користи само за сопствените цели. Затоа жалбите доаѓаат предоцна. Да се откаже посетата сега неизбежно би довело до немири. Останува само едно - овој човек веќе да не се поканува“, препорачува „Зидвест- пресе“.
Весникот „Манхајмер морген“ прашува: „Може ли навистина нешто да се преземе против настапот на Ердоган? Се разбира властите би можеле да ги искажат своите задршки по однос на безбедноста, но тогаш би висело во простор обвинување за цензура, а за една демократија тоа би било тешка хипотека“.
„Вестдојче цајтунг“ од Диселдорф смета: „Еден ден пред европските избори Ердоган ѝ штети на европската перспектива на Турција, оти дури и на последниот ќе му стане јасно дека со овој премиер, кој ја покрива корупцијата, кој ги прогонува малцинствата, ги ограничува демократијата, правната држава и слободата на печатот, кој дури им се потсмева на семејствата на жртвите од рударската несреќа, Турција никогаш нема да стане ЕУ-членка“, прогнозира „Вестдојче цајтунг“.
„Берлинер цајтунг“, пак, забележува: „Во Келн ќе се покаже дали германските Турци, кои имаат пристап до целосно медиумско известување, ќе го конфронтираат турсkиот премиер со неговите пропусти. Германските Турци во Келн имаат единствена шанса да ја докажат нивната способност за критикување - како полнолетни граѓани на една развиена демократија“, истакнува „Берлинер цајтунг“.
Весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, пишува: „Не смее да остане на она, што веќе две недели лебди како закана во просторот - дека Ердоган исто така ќе ја критикува германската влада како што тоа го стори неодамна германскиот претседател Јоахим Гаук при неговата посета на Турција. Притоа и самата најава веќе е израз на мегаломанија, која оди рака под рака со напредно губење допирни точки со реалноста. (...) Грижата на Ердоган меѓутоа не е за правната држава и демократијата во Германија - серијата убиства на НСУ нему и на неговите пушконосци им е само средство за исполнување на целта за мобилизација за нивниот турско-националистички проект, во кој нема место за религиозните и културните малцинства.“