Германија го обвини Хамас за настаните во Газа
29 декември 2008Германската влада покажува разбирање за израелските напади врз цели во Газа, префрлајќи ја одговорноста врз радикално-исламистичката организација Хамас. Канцеларката Ангела Меркел во неделата вечерта имала долг телефонски разговор со израелскиот премиер Олмерт, истакна портпаролот на владата, Томас Штег и додаде: „И канцеларката и израелскиот премиер едногласно и изречно заклучија дека одговорноста за најновиот развој на настаните во појасот Газа ја носи единствено Хамас“, пренесе портпаролот Штег.
Хамас мора веднаш да престане
Хамас еднострано ја прекинал спогодбата за прекин на огнот и бомбардирал израелски населби. Затоа е сосем разбирливо што Израел ги брани својот народ и територија, истакна гласноговорникот на германската влада: „Јасно е дека во оваа ситуација ќе се бара од Хамас да престане со ракетните напади - веднаш и долгорочно. Само тогаш израелските воени операции ќе можат да бидат брзо завршени“, потенцира Штег.
Израелските воени сили возвратија соодветно
Според палестински податоци, повеќе од 300 Палестинци загинале во воздушните напади, а 1.000 биле повредени. Меѓу жртвите има и цивили. Германската влада сепак не смета дека интензитетот на израелските напади бил претеран. „Германската влада нема никакви сомневања дека израелските воени операции се насочени кон терористичките и воените структури на Хамас и нивните упоришта за испалување ракети. Сојузната влада смета дека израелските власти прават се` што можат за да избегнат цивилни жртви, како што и самите изјавија“, кажа портпаролот Штег.
Хамас и Израел мораат да преговараат
Израел му се закани на Хамас со напади од копно и како што изгледа, се подготвува за подолга воена операција. Керстин Милер од Партијата на зелените се залага за брзо завршување на воените дејства: „Цврсто сум убедена дека конфликтот на Блискиот Исток не се решава со помош на оружје и затоа воените дејства треба веднаш да прекинат“, изјави Милер, додавајќи дека не само Израел, туку и Хамас треба да разбере дека за нивниот конфликт можно е само решение со мирен договор.
Нападите врз Газа уште повеќе ја влошуваат ситуацијата
Партијата на левите, пак, е многу покритична во осудата на израелските напади. Според нив, тие не се „соодветни“ и немаат ништо со правото на бранење на територијалниот интегритет, изјави Норман Пех од пратеничката група на левите во германскиот Бундестаг. Нападите не придонесуваат за безбедноста во Израел и уште повеќе ги заоструваат и онака лошите услови за живот на луѓето во појасот на Газа.