Германија ги пречекува своите шампиони
15 јули 2014Црвен килим и специјален поздрав со воден тунел ги пречекаа германските фудбалери на аеродромот во Берлин утрово. Светските прваци пристигнаа со специјален лет на Луфтханза чиј авион за оваа прилика беше преименуван во „Фанханза- превозник на победниците“. Пред полетувањето од Рио де Жанеиро леталото имаше и мала незгода, по што летот доцнеше околу еден час.
Илјадници луѓе со часови го чекаа пристигнувањето на леталото на аеродромот, а во Берлин уште од рано утрото сѐ е подготвено за големата прослава на победата. На улиците и во ткн. „фан зона“ се очекуваат стотици илјади луѓе. Возбудата дополнително ја зголеми пилотот на авионот кој, пред самото слетување, ги поздрави навивачите во Берлин со низок лет на висина од околу 600 метри.
Фудбалерите продолжија во отворен автобус кон центарот на Берлин. Главниот дел од прославата ќе се одржи пред Бранденбуршката порта, а конструирана е и специјална патека низ која ќе минат фудбалерите.
На Мундијалот во Бразил, Германија ја освои четвртата титула светски првак во својата историја по победите во 1954, 1974, 1990 и 2014 година. Воедно ова беше прва титула за националната репрезентација по обединувањето на земјата.