Германија во клубот на најмоќните
1 јануари 2011Во Владата во Берлин беа и повеќе од задоволни кога во октомври годинава Германија беше избрана за непостојана членка на Советот за безбедност во следните две години. Министерот за надворешни работи Гидо Вестервеле тогаш изјави:
„Сега ни‘ се пружа можност да го искажеме нашето мислење пред да биде донесена некоја одлука и на тој начин да го зголемиме нашето влијание. На пример, при решавањето на регионалните судири.“
Од денеска, Германија директно ќе учестува во подготовката на значајните резолуции во Советот за безбедност. Неговиот дневен ред главно го диктираат актуелните кризи, а најголемо влијание имаат петте постојани членки со право на вето - САД, Русија, Кина, Франција и Велика Британија. Дали во такво опкружување Германија воопшто и може да води нешто што ќе наликува на државна политика? Многу тешко, вели нејзиниот амбасадор во ОН, Петер Витиг.
„Во Советот за безбедност не се влегува со владина програма како во нова влада. Дневниот ред го одредуваат кризите и во прв план е зачувување на мирот. Кога се имаат предвид обврските, не останува многу избор.“
Целта останува - постојано место во СБ
Германија планира пред се’ да се ангажира во зачувувањето на мирот и во мировните операции. Ќе биде активна и во борбата против тероризмот и ќе членува во одборот кој воведува санкции, како што е ограничувањето на патувањата на осомничените за тероризам. Германскиот амбасадор Витиг е заинтересиран и за судбината на децата-војници.
„Постои работна група која се занимава со злоупотребата на децата во конфликтите, пред се’ со регрутирањето на деца-војници. Сакаме особено внимание да му посветиме на овој проблем“.
Целта на Германија останува местото постојана членка на Советот за безбедност, но за реформата на светската организација одлучуваат сите 192-земји членки на Генералното собрание и за неа, во моментов, нема многу изгледи. За постојано место во Советот заинтересирани се и Индија, Бразил, Јужна Африка и Нигерија.
Автор: Нина Веркхојзер / Борис Георгиевски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска