1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија важен партнер на САД, а Ангела Меркел „добар пријател“

13 јули 2006

Американскиот претседател Џорџ Буш свечено пречекан во источногерманскиот град Штралзунд

https://p.dw.com/p/AdVY
Меркел и Буш во Штралзунд
Меркел и Буш во ШтралзундФотографија: AP

САД и Германија заеднички можат да го сочуваат и унапредуваат мирот. „Можеме многу да постигнеме ако Америка и Германија стојат еден до друг“ – рече американскиот претседател пред околу илјада избрани гости и војници на Бундесверот на свечениот пречек пред околу еден час во центарот на Штралзунд, град во источниот дел на Германија, на брегот на Балтикот. Според него, двете земји имаат заеднички вредности и интереси. Канцеларот Ангела Меркел тој ја означи како „добар пријател“, изрази почитување за нејзината „способност за просудување“ и рече дека „полага вредност врз нејзиното мислење“. Таа има смели визии и „срце полно со понизност“, иако е „подготвена и за донесување тешки решенија“, рече американскиот претседател. Со поглед врз источниот дел на земјата, Буш рече дека Германците пред повеќе децении беа поделени со еден грд ѕид, а денес, по долгото време на тиранија, повторно живеат обединети во центарот на Европа, кој е слободен и во мир со самиот себе си.

Ангела Меркел, откако му искажа срдечно добредојде на, како што го означи, „драгиот Џорџ Буш“, му се заблагодари за американската помош при повторното обединување на Германија. „Ние знаеме дека треба да сме им многу благодарни на САД што денес можеме заеднички во мир и слобода да живееме во една земја“, рече Меркел.

За денеска е предвиден разговор на двајцата државници, по што тие ќе одржат заедничка прес-конференција. Во нивна придружба се и министрите за надворешни работи Кондолиза Рајс и Франк-Валтер Штајнмаер. Гостинот од Америка се запиша и во „Златната книга“ на градот Штралзунд, Вечер е планирана заедничка вечера од скара во селото Тринвилерсхаген, во изборната единица на Меркел.

Посетата е проследена и со протестти, но тие ќе бидат помали отколку што било планирано. Претставникот на Германското мировно друштво рече дека очекува помалку од предвидуваните 5 илјади учесници. Исто така, наместо планираните две, ќе има само една поворка демонстранти.

Буш од синоќа престојува во Германија, од каде пак ќе продолжи на самитот на Г 8 во рускиот град Санкт Петерсбург.