1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегалци од Балканот во дефицитарни професии?

Бернд Греслер/З. Јордановски30 јули 2015

Винфрид Кречман, од Зелените, побара „коридор за доселување“ и пристап до пазарот на работна сила за бегалците од Западен Балкан. Таков веќе постои, но е тесен, со многу пречки и е во голема мера непознат.

https://p.dw.com/p/1G7Rg
Фотографија: picture-alliance/dpa/Daniel Reinhardt

Во вжештената дебата во Германија во врска со напливот на бегалци и проблемите во справувањето со мигрантите, деновиве нов момент беше предлогот на Винфрид Кречман, покраински премиер на Баден Виртемберг, за овозможување „легален пристап до пазарот на работна сила“ за бегалци од Западен Балкан. За професии кај кои во Германија владее недостиг, на пример негуватели на болни и немоќни лица, би можеле да бидат создадени коридори за доселување, смета Кречман, единствен покраински премиер од редовите на Зелените.

Предлогот е во целосна спротивност со барањата за повторно привремено воведување визи за Србија, Македонија и Босна и Херцеговина, како и за прогласување на Косово, Албанија и Црна Гора за „сигурни земји“ за да можат полесно и по итна постапка да се отфрлат барањата за азил од мигранти од тие земји.

Дали во предлогот на Кречман всушност е содржано барањето за таканаречената „промена на трагата“ на бегалците, за кое особено се залагаат здруженијата од стопанството?

Deutschland Wlan für Flüchtlinge in einer Notunterkunft in Witten
Фотографија: DW/J. Semenova

Министерството за внатрешни работи се противи

Така, Бернд Мојрер, претседател на Сојузното здружение на приватни понудувачи на социјални услуги, предлага на квалификуваните бегалци веднаш по нивното влегување во Германија да им се укаже дека освен постапка за доделување азил има и друг пат да добијат право на престој во Германија - имено, како стручна работна сила. Тие не би морале да се вратат назад во своите земји, за таму во германската амбасада да поднесат соодветно барање, и би можеле брзо да бидат вработени, оти нивото на обученост на негувателите од Србија или Босна и Херцеговина е споредливо со она во Германија. Предуслов, според Мојрер, би било да го владеат германскиот јазик. Германската агенција за вработување веќе регрутира таков персонал во тие две земји, но успехот е ограничен: во 2013 и 2014 година агенцијата доведе во Германија само по 100 такви лица од двете земји.

Но, Сојузното министерство за внатрешни работи ја одбива таканаречената „промена на трагата“ кај бегалците при нивното доаѓање во Германија со образложение дека азилот и доселувањето за вработување се две во основа различни работи. Пред неколку денови побара да им се овозможи на висококвалификуваните бегалци да го легализираат престојот преку таканаречената „сина карта“. Веднаш уследи отфрлање од страна на Гинтер Крингс, државен секретар во министерството за внатрешни работи: „Ако на оние кои би сакале да се доселат им кажеме: Дојдете овде, па ќе видиме дали ќе можете да останете преку барање за азил или преку ’сина карта‘, тоа би создало огромен дополнителен мотив за злоупотреба на постапката за давање азил“, рече тој во интервју за еден весник. Крингс оцени дека така значително би се покачила бројката на баратели на заил.

На „позитивната листа“ преку 100 професии

Тоа се однесува не само на висококвалификувана, туку и на стручна работна сила како негуватели. Освен тоа, нема неопходност за такви законски промени оти сега и онака по три месеци барателите на азил имаат право да работат, независно од тоа дали е веќе решено нивното барање за азил, објасни за ДВ портпарол на министерството.

Deutschland Flüchtling mit Smartphone in Bautzen
Фотографија: Getty Images/S. Gallup

Како погоден „коридор за доселување“ би можела да послужи „позитивната листа“ на Сојузната агенција за вработување, која постои од 2013 година и редовно се актуелизира. На неа во моментов се наоѓаат преку 100 дефицитарни професии и работници од земји кои не се членки на ЕУ имаат добри шанси да добијат работа во Германија. Меѓу нив се и негуватели на болни и стари лица. Од германското МВР нагласуваат дека едноставно таквите понуди за работа не се доволно познати и итно е неопходна кампања како http://www.make-it-in-germany.com/: со упатства како луѓето можат да се доселат во Германија.

Тоа е и еден од аргументите со кои досега министерот за внатрешни работи Томас де Мезие им се спротивставуваше на барањата за донесување нов закон за доселување.

Може ли негувател на болни да негува и стари лица?

Но, не е само недоволната информираност причина што толку малку се користат постоечките понуди, сметаат во Сојузното здружение на приватни понудувачи на социјални услуги: проблем е и познавањето на јазикот, се бара ниво 2Б според стандардите на ЕУ, а тука има премалку понуди од германска страна. Честопати и признавањето на квалификацијата наликува на трка со пречки. Така, на пример, од странски кандидати се бара временски ограничена практична работа во германски старечки домови, пред евентуално да бидат вработени како негуватели на стари лица. Причина за тоа е дека во најголемиот број други земји воопшто нема стручно обучување за професија негувател на стари, а за германските власти не е доволна диплома за негувател на болни.