1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Генерација 1989: го има ли уште Ѕидот?

Грета Хаман/З. Јордановски8 ноември 2014

По 25 години од германското обединување израсна генерација која никогаш не ја доживеа поделената Германија. Со кои очи гледа таа на сегашноста во фонот на минатото? Своето искуство го опишува Грета Хаман.

https://p.dw.com/p/1Dh2J
Фотографија: picture-alliance/dpa

Историски значајните години никогаш не ги запаметував. Освен еден - 1989, годината во која падна Ѕидот помеѓу Источна и Западна Германија. Година во која јас се родив. Кога беше отворен првиот граничен премин за граѓаните на ГДР, имав само шест месеци и додека мајка ми на телевизија ги гледаше вестите за тоа, јас мирно си спиев лигавејќи се во нејзината прегратка.

Мојата прва свесна средба со Ѕидот беше во градината пред една куќа во Реклингхаузен, град во Рурската област, во кој растев. Таму стоеше тој - Ѕидот, парче од него, и не предизвика никакви чувства во мене, освен можеби збунетост дека некои луѓе се решиле да стават во градината парче стар бетон, наместо да посадат некои убави цвеќиња.

Го има ли уште Ѕидот?

На 16-годишна возраст бев во Бразил во рамките на училишна размена. Прв ден во туѓо училиште и веднаш прашањето: „Го има ли уште Ѕидот?“. И: „Каков е животот во ориентална (источна) Германија?“. Јас не разбирам португалски, гледам глупаво и се прашувам - што врска има Германија со ориентот и за каков Ѕид зборува таа? Мојата соученичка упорно понатаму се обидува. Во некој момент сфатив - таа зборува за ГДР. Не, одговорив, Ѕидот е отстранет. Повеќе во врска со тоа не можев да кажам поради непознавањето на португалскиот јазик, но и поради недоволното познавање на историјата на мојата сопствена татковина.

Greta Hamann
Грета ХаманФотографија: DW/Greta Hamann

Неколку години подоцна, за време на студиите. Една колешка, со која се зближив и спријателив, потекнуваше од село од покраината Мекленбург - Предна Померанија, директно на морскиот брег. „Ах, прекрасно, плажа!“, си помислив. „Да, јас сум од Истокот“, ми вели таа. Јас бев изненадена. Точно. На тоа никогаш не помислив. За мене едноставно не постојат категориите Источна Германија - Западна Германија. За мене секогаш беше јасно - Германија е една земја. Кога запознавам некого, кој потекнува од Источна Германија, тоа за мене не е поразлично отколку кога некој растел во Баварија или Долна Саксонија. Регионални разлики, се разбира, има, ние зборуваме со различни дијалекти, во детството и во училиштето сме доживеале различни нешта. Па сепак, повеќе имаме заедничко, отколку разлики.

„Не се прави, како да е сѐ в ред“

За жал, сите Германци не го споделуваат истото мислење. Посебно не оние, кои потекнуваат од Истокот: „Не се прави, како да е се’ в ред“ е насловот на еден актуелен тематски проект на најголемиот германски неделник „Ди цајт“. Се чувствувам како фатена во небрано. Значи, сепак не е се’ добро?

Во серијата текстови млади од истокот на Германија раскажуваат за тоа, што - според нивно мислење - во обединета Германија и натаму оди наопаку. На пример, што нив ги нервира кај Германците од Западот: „И, повторно си во мрачна Германија?“, некој бил прашан од западногермански колега, кога бил во посета на родниот крај. Друг се жали поради арогантните „весис“ (Германци од Западот; „осис“ во жаргон се нарекуваат Германци од Истокот, н.з.), кои одвај да го познаваат Истокот, па сепак мислат дека толку многу знаат. Наредниот смета дека обединувањето е еднонасочна улица: „Што донесе Источна Германија? Малку“.

Телефонски повик кај професор Клаус Шредер од Слободниот универзитет Берлин, кој раководи со истражувањата во врска со ГДР и обединувањето. „Многумина источњаци велат: ’Западњаците - особено од Северна Рајна Вестфалија - не се интересираат за нас. Не ги интересира нашата историја и нашите судбини‘. И навистина е така“. Констатирам - јас, значи, спаѓам во една особено арогантна група Германци.

Deutschland Geschichte Kapitel 4 1979 – 1989 Die Mauer fällt Grenzöffnung
Фотографија: picture-alliance/ dpa/dpaweb

Се’ повеќе млади сметаат дека повторното обединување е успешна приказна

Келн, главната железничка станица. Се врткам низ киоскот. На полиците - актуелното издание на „Неон“ најголемиот германски магазин за млади луѓе. Насловната страна со нападни бои ми боде очи: „78 проценти од младите возрасни веруваат во голема љубов. Секој втор ја смета социјалната праведност за најважна цел на политиката. Секоја петта жена си ги бричи рацете. Тоа сме ние!“. Магазинот анкетирал за различни теми илјада млади луѓе на 18-35-годишна возраст.

Прашани биле и за германското единство. Источна и Западна Германија многу се разликуваат - сметаат 14 проценти од испитаниците. Наредно прашање: „Како го оценуваш повторното германско обединување?“. Успешно е, веруваат 47 проценти; пред 6 години така мислеа 14 проценти од испитаниците. Само мал дел - 4 проценти - денес е на мислење дека повторното обединување е целосно неуспешно.

Значи, сепак не ќе е толку лошо - си мислам, и ми олесни. Тенденцијата што ја покажува анкетата е недвосмислена: напредуваме. Денес само грст луѓе оспоруваат дека Германија претставува една целина. Мора да сочекаме уште неколку годинки, меѓусебно натамошно да се запознаеме, да ги намалиме нерамнотежата меѓу Истокот и Западот и во некој момент ќе можеме “подобрите весис“ да ги паркираме во учебниците по историја, директно до сликите од мирната револуција. Ќе се радуваме на падот на Ѕидот и и ќе се смееме за комичните предрасуди, што ги имаше некогаш.