1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гаук во Турција - меѓу критика и пофалба

Баха Гингер / Превод: А.Трајковска26 април 2014

Новата дебата околу Ерменија ја следи посетата на германскиот претседател Јоахим Гаук на Турција. Тој мора да даде знак за слободата на печатот и слободата на мислењето, смета Баха Гингер.

https://p.dw.com/p/1BoKZ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во Турција интересот за државната посета на германскиот претседател Јоахим Гаук, која започнува денеска (26.04), досега е сѐ уште мал. Ова најверојатно ќе се промени, оти Гаук на лице место ќе мора да даде знак за слободата на мислењето и слободата на печатот. Неговата животна определба го обврзува да го стори тоа. Тоа го очекуваат и поборниците на овие вредности во Турција. Преземањето на ваквите вредности останува најважен услов за натамошно постепено приближување на земјата кон Европската унија, кон која Турција впрочем со децении се стреми.

Но, од пред речиси една година Турција под раководство на премиерот Реџеп Таип Ердоган им нуди доволно простор за напади на критичарите. Земјата веќе не може да биде фалена, што беше случај до пред неколку години, за реформите во областа на демократијата и човековите права. Напротив, последниот внатрешнополитички развој им дава доволно повод на оние критичари, кои Турција сѐ повеќе ја споредуваат со диктатура, која веќе нема доверба во сопствените граѓани и затоа форсира нивно надгледување. Неговите противници во државниот апарат, како и во судството, Ердоган ги суспендира од служба или се грижи за нивно преместување.

Ненадеен потег на Ердоган

Во овој контекст Ердоган едноставно ги изненади сите со еден потег во дебатата за Ерменците, кој досега се сметаше за невозможен во оваа димензија. Тој се извини за смртта на стотици илјади Ерменци при масовните депортации при распадот на Османлиското царство во 1915 година и изрази сочувство. Неговото писмено соопштение меѓутоа - според очекувањето - беше без ознаката „геноцид“, што го одбива и мнозинството во земјaта.

Deutsche Welle Türkisch Bahaeddin Güngör
Баха Гингер, автор на коментаротФотографија: DW

Оваа новина во турската политика кон Ерменците додуша не е доволна за соседната Кавкаска Република, како и за влијателните ерменски заедници во дијаспората, бидејќи не е исполнето нивното максимално барање за признавање на тезата за геноцид. Од друга страна, Ердоган постави насоки за меѓународните дебати по повод 100-годишнината од масакрот врз Ерменците во Анатолија идната година. Тој на овие дебати им даде нова појдовна точка. Дали за една година ќе се детабуизира поимот „геноцид“, останува отворено.

Уважување и критика

Оттука Гаук може да се радува на едно интересно патување во земја традиционално спријателена со Германија. Неговите разговори со умерено религиозниот претседател Абдула Ѓул, како и со претставниците на опозицијата и цивилното општество, на Гаук му нудат можност да ги изнесе неговите искуства како граѓанин на поранешната ГДР. Притоа може да предупреди на опасноста од нови ѕидови во рамките на општеството и продлабочување на јазот меѓу заговорниците и противниците на режимот. Но, Гаук при посетите на војниците на Бундесверот, како и на кампот за бегалци од Сирија, ќе го подвлече и значењето на Турција како членка на западниот одбранбен сојуз.

Државните посети на германските политичари во Турција никогаш не биле едноставни. Секогаш беше потребен баланс меѓу пофални и критични изјави. Тоа пред сѐ им е познато на многу поранешни министри за надворешни работи. И Гаук ќе мора да најде баланс. Неговите постапки ќе се одмеруваат дома, но и во Турција, ќе се одмерува колку со нив придонесува за разградување на тензиите. Нови затегнастости на германско-турските односи не им се потребни.