Гаук во посета на сириските бегалци
27 април 2014Во бегалски логор на периферијата на градот Караманмарис германскиот претседател Гаук се информираше за состојбата на околу 16 илјади луѓе, кои се сместени таму. Јоахим Гаук ги распрашуваше сириските деца за нивната судбина, за што разговараше и со претставниците на хуманитарните организации.
Според наводите на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, во Турција прибежиште имаат најдено речиси еден милион Сиријци, бегајќи од насилството во нивната татковина. Гаук ја истакна големата почит за енормните напори на Турција во помошта кон бегалците. И Германија би можела на овој план да направи повеќе, изјави Гаук.
Гаук на патот кон Анкара ќе ги посети и 300-те германски војници кои во рамките на мисијата на НАТО го обезбедуваат воздушниот простор во граничната област на турско-сириската граница со Патриот ракети.
Официјалниот дел од посетата на Јоахим Гаук почнува утре (28.04). Во Анкара Гаук ќе се сретне со турскиот претседател Абдула Ѓул и премиерот Реџеп Таип Ердоган. Притоа германскиот претседател планира да ја пофали германско-турската соработка, но и да опомене поради дефицитите во демократијата и правната држава, како и заштитата на верските малцинства и слободата на печатот во Турција.
По крвавото задушување на протестите во паркот Гези во Истанбул минатото лето, Анкара постојано е на мета на критика во странство. На сметка на Ердоган има обвинувања за корупција, како и за блокирање на пристапот кон социјалните мрежи како ЈуТјуб и Твитер.