Гаспром и ОМВ се договорија за Јужен тек
24 јуни 2014Изградбата на австрискиот дел од гасоводот Јужен поток е договорена. Гасоводот треба, заобиколувајќи ја Украина, од 2017 година да транспортира руски гас од бугарскиот Црноморски брег и Унгарија до Австрија и треба да има капацитет од 32 милијарди кубни метри гас.
Документот меѓу рускиот концерн Гаспром и австриски ОМВ беше потпишан на маргините на посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Австрија. Шефот на ОМВ, Герхард Роис, се обиде да ги распрсне сомневањата во врска со гасоводот. Според него, гасоводот е во согласност со европското право. ЕУ пак има задршки околу проектот. Бугарија привремено ги запре работите околу гасоводот и најави дека ќе дејствува во согласност со укажувањата на Брисел. Гаспром тврди дека и покрај тоа изградбата на Јужен тек е во согласност со временскиот план.
Рускиот претседател Владимир Путин попладнево има средби со австрискиот претседател Хајнц Фишер и со премиерот Вернер Фајман. Вечерва тој треба да зборува пред водечки претставници на австриската економија. Шведскиот министер за надворешни работи Карл Билт предупреди дека Путин би можел да предизвика расцеп во ЕУ. „Очигледно Путин сака да ја подели ЕУ, но мислам дека Виена за тоа е свесна. Тоа не е ништо ново. Русите секогаш се обидуваат да предизвикаат такво нешто кога се втерани в ќош“, рече Билт за австриската телевизија ОРФ. На ваквите предупредувања австрискиот претседател Фишер одговори дека неговата земја е лојален член на ЕУ и дека посетата на Путин е шанса да се разговара за кризата во Украина и да се работи на мирно решение.