Газа: Очајничка потрага по трајно решение
15 октомври 2014На меѓународната донаторска конференција за повторна обнова на Појасот Газа, уништен во последната војна, се собрани повеќе од пет милијарди долари. Забележителна сума, која може дури да биде и повисока отколку што побараа палестинските автономни власти. Само регионално-политички активниот мини-емират Катар вети над една милијарда долари за ублажување на ситуацијата во Газа. И Германија ќе даде дополнителни 50 милиони евра за итни мерки на помош.
Подготвеноста на арапските и меѓународните донатори за помош е без сомнеж за поздравување, таа е важна и насушно потребна, за да се овозможи помошта првенствено за над 100.000 Палестинци, кои во војната останаа без покрив над главата. Таа е екстремно итно потребна и за основното снабдување на 1,7 милиони луѓе со вода и енергија.
Но, таа не може да го скрие сознанието дека политичко решение за овој асиметричен конфликт не е на повидок.
Што побрзо укинување на двојната блокада
Клучот за трајно политичко решение, со чија помош ќе се овозможи промена на ситуацијата во основа, в рака го имаат како Израел, така и Египет. Двете држави ја контролираат границата на осиромашениот Појас Газа. Укинувањето на двојната блокада и овозможување на слободен проток на стоки и луѓе, се разбира, под меѓународна контрола, од овој аспект би бил првиот чекор на долгиот пат кон обнова на функционална економија во Појасот Газа.
На крајот на месецот израелските и палестинските претставници ќе преговараат за политичката иднина со египетско посредство. Меѓународните актери треба да побараат гаранции од двете страни: од еднастрана, палестинската влада треба да преземе целосна одговорност за процесот на обновата. Таа мора политички, а ако е потребно и со воени средства, да се избори против Хамас за договорот-сама да ги претставува Палестинците. Од другастрана, треба да се изврши протисок врз режимот на египетскиот претседател Ал-Сиси за да прекине натамошно демонизирање и изолирање на Хамас, со што делови од неговите приврзеници се бркаат во таборот на варварските џихадисти од Исламска држава. Хамас, без оглед на својата милитантност и спорната идеолигија, сепак се смета за бастион против интернационално активните џихадисти. Иако израелскиот премиер Нетанјаху на редовни временски растојанија го тврди токму спротивното.
Последна шанса за решението-две држави?
И конечно, Западот мора да изврши притисок врз Израел: како фактичка окупаторска сила, земјата и според меѓународното право ја сноси главната одговорност за ситуацијата на цивилното население во Појасот Газа.
И уште поважно: западните фактори треба да се изборат за повторно поврзување меѓу Газа, Западниот Брег и Источен Ерусалим. Можеби во рамките на нов, меѓународно посредуван договор, кој ќе води сметка за безбедносните потреби на Израел и ќе цели на демилитаризирање на Газа, без палестинските области да бидат меѓусебно одделени. Притоа, станува збор всушност за можеби последната шанса за реализација на решението за постоење на две држави и за конечно стопирање на спиралата на насилство.