Г7 - мирен самит со малку резултати
27 август 2019Во неделата уште изгледаше дека самитот на Г7 ќе потоне во облак од лоша волја, неединство и утната комуникација. Но, на последниот ден американскиот претседател, по два дена, сепак се откажа од ширењето неизвесност околу трговскиот спор со Кина и неговата позиција во иранската криза. Тој замавта со маслиново гранче во правец на Пекинг и не се спротивстави на обидот на францускиот претседател за деескалација на иранската криза.
Добро расположение кај претседателите
На домаќинот, Емануел Макрон, му успеа со голема дипломатска вештина да го држи американскиот претседател во добро расположение, што се отсликува во неговите изјави: добро соработувавме, постојат големи поклопувања во ставови, имаше екстремно позитивни дискусии. На крајот од самитот произлезе знак на единство. Затоа двајцата државници одржаа прес-конференција во исто време, на која Доналд Трамп го нарече домаќинот „значаен политички водач“, а Макрон преувеличано ја фалеше пријателската соработка со Трамп.
Содржински, Макрон забележа успех со тоа што од Трамп доби отворен простор за обидот за приближување кон Иран. Како копотписник на во меѓувреме дисфункционалниот атомски договор, Макрон сака да ја оконча ескалацијата и тензиите во Ормускиот Теснец. За таа цел тој во саботата вечерта го покани иранскиот министер за надворешни работи Зариф како ненадеен гостин во Бијариц. Трамп во првиот момент реагираше одбивно, за во понеделникот сепак да дозволи можност за дипломатско приближување.
„Проектиравме еден пат“, изјави претседатеот Макрон, иако околностите сѐ уште се доста фрагилни. Но, тој телефонирал со иранскиот претседател Рохани, кој пак под соодветни околности е подготвен за средба со Трамп. Можеби сепак е можен договор, членките на Г7 во секој случај се единствени дека Иран не смее да поседува атомско оружје и треба да се бара решение.
На општо изненадување, и претседателот Трамп не исклучи средба со Рохани. Нему му е важно Иран да не добие атомско оружје и балистички ракети, истакна тој, па тогаш може брзо да се достигне нов договор, а под одредени услови и да се исклучат санкциите. „Мора да соработуваат“, порача Трамп, ако не - на насилството ќе им биде возвратено со иста мерка. Американскиот претседател рече дека не сака промена на режимот во Иран, тоа нема да функционира. Тој го пофали Макрон за напорите во врска со Иран, додавајќи: „Имам добро чувство во однос на Иран, познавам многу прекрасни Иранци".
Трамп уште објасни дека бил информиран од страна на Макрон за посетата на Зариф на маргините на самитот Г7, иако во неделата тврдеше дека не знае ништо за тоа. Иран располага со голем потенцијал, рече Трамп, за веднаш тука истото да го потврди и за Северна Кореја и Ким Јонг Ун. Политичката стриктност не спаѓа во силните страни на американскиот претседател.
Приближување во трговскиот спор
Макрон и Трамп се произнесоа позитивно и за можно топење на мразот во трговскиот спор со Кина. За темата долго се дискутирало и се дошло до заеднички заклучок дека праксата на Кина во третманот на авторските права и дампингот не е фер, рече Макрон. Договорено е интензивирање на напорите за воведување нови правила за светската трговија. Настрана од тоа, трговската војна меѓу САД и Кина предизвикува несигурност за економијата, а договор би бил добредојден за сите.
Доналд Трамп кај оваа точка делуваше како друг, во неделата тврдеше дека жали што не вовел повисоки царини за кинеските производи, за на крајот на самитот Г7 да изјави: „Верувам дека Кина сака да постигне договор. Заменикот претседател на партијата тоа го потврди. Кинезите се силно погодени од нашите казнени царини и мислам дека сакаат да направат дил.“
Франција е уверена дека спорот поради новиот дигитален данок, на кој Трамп возврати со закани за воведување царини за француските вина, во 2020 година ќе биде испеглан преку меѓународна регулација на ниво на ОЕЦД. А германската канцеларка при средбата во четири очи од американскиот претседателповторно побарала наново отпочнување преговори со ЕУ во врска со нецаринењето индустриски стоки, заради деактивирање на заканата од царини која со месеци е надвисната над автомобилската индустрија. Трамп барем не рекол категорично „не".
Избегнување катастрофа наместо резултати
Овој самит го карактеризира тоа што нема да биде вреднуван толку според конкретните резултати, туку дека успех е што, благодарение на мудрата режија на домаќинот, беше успеано да се спречат нови изблици од страна на Трамп и да се подотвори можност за преговори за светската трговија и иранската криза. Меѓутоа, на сите им е јасно дека ветувањата за единство и добри желби кај Г6+1 стигаат само дотаму до каде што трае доброто расположение на американскиот претседател.
Наспроти неговата најава дека нема да има завршна декларација, претседателот Макрон на крајот сепак излезе со една страничка хартија: во неа стои залагањето за реформа на Светската трговска организација, заедничкото уверување дека Иран не смее да рсполага со атомско оружје и дека треба да постои стремеж кон мир и стабилност во регионот. Освен тоа, треба да се организира самит за Украина и конференција за Либија. А во врска со демонстрациите во Хонгконг, декларацијата потсетува на британско-кинескиот договор од 1984 година. Американскиот претседател не противречеше на ниедна од овие изјави.
Помош за Амазонија
Најинтересното во договорената помош од страна на Г7 за гаснење на шумските пожари во Амазонијане е скромната сума од 20 милиони долари, ниту тоа што беа потребни три дена да се стигне до неа, туку што Доналд Трамп едноставно изостана од оваа сесија за климатските промени, заштита на светските мориња и други еколошки прашања. Значи, во основа за еколошките теми се договорија - Г6.