Вучиќ со камења избркан од Сребреница
11 јули 2015Српскиот премиер Александар Вучиќ, кој во Меморијалниот центар во Поточари присуствува на одбележувањето на масакрот во Сребреница од 1995 година, само што го положи венецот на споменикот на жртвите, кога демонстрантите започнаа да го исвиркуваат и да фрлаат со камења по него, известува репортерот на АФП.
Според информации на новинската агенција Танјуг, Вучиќ бил погоден со камен во главата. Притоа неговите очила се распрснале. Закрилен од неговото обезбедување, а при излезот и од обезбедувањето на организаторот, Вучиќ мораше да побегне од Меморијалниот центар во Поточари. Организаторите на манифестацијата преку разглас ги повикуваа демонстрантите да се смират.
Вучиќ допатува на комеморацијата во Сребреница како гест на помирување.
На манифестацијата во малечкиот босански град, каде пред 20 години босанско-српските војници убија 8 илјади муслимански момчиња и мажи, учествуваат десетици илјади луѓе и бројни политичари од странство, меѓу кои и поранешниот американски претседател Бил Клинтон. Западот ја употребува формулацијата „геноцид“ за масовните убиства во Сребреница, термин кој за Србија и Русија е спорен и со кој не се согласуваат.