Србија уапси лица кои подготвувале заговор против Црна Гора
25 октомври 2016Српскиот премиер Александар Вучиќ рече дека постојат „непобитни и материјални“ докази кои ги пронашле српските безбедносни служби. Вучиќ за првпат се изјасни и за апсењето во Црна Гора на 20 српски државјани на денот на изборите, меѓу нив и еден пензиониран полициски генерал, кои наводно планирале напади врз владини објекти и претставници.
Вучиќ соопшти дека кај осомничените биле пронајдени 125 илјади евра во готово, како и униформи кои требало да бидат користени при нападите во Црна Гора. Тој одби да даде дополнителни детали за нападите кои наводно биле планирани за 16 октомври, но потврди дека уапсените во Србија и Црна Гора не се истите лица.
„Имаме сигурни докази дека одредени лица, а тоа не се овие кои се уапсени, го следеле движењето на црногорскиот премиер и информирале други лица за тоа. Не најдовме докази за вмешаност на политичари од Србија или Црна Гора во случајот“, рече Вучиќ.
Мило Ѓукановиќ извојува тесна победа на изборите во Црна Гора, а изборниот ден беше проследен со апсења на наводна терористичка група и со блокада на социјалните медиуми. Опозицијата обвини дека изборите биле наместени.
Вучиќ синоќа се пожали дека во неговата земја се забележани засилени активности на странски разузнавачки служби „и од запад и од исток“. Наводно биле забележани случаи на давање безбедносни материјали од страна на српски разузнавачи на странски амбасади, но Вучиќ одби да даде детали.