1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Враќање на „мултикултурниот“ нужник во Германија

У. Брајтенбах/бг23 февруари 2016

Уште одамна и во најзаостанатите делови на Германија од тоалетите исчезнаа „нужниците“. Но, проблемот е што во арапскиот свет „европските“ нужници се непознаница, па на бегалците многу не им помагаат ни пиктограмите.

https://p.dw.com/p/1HzpJ
Фотографија: Global Fliegenschmidt/Foto: David Ludley

Со повеќе од еден милион бегалци Германија досега навистина доживеа „средба со глобализацијата“, како што се изрази министерот за финансии Шојбле. Дури и со најдобра желба за меѓунационално разбирање, навистина се сретнаа различни култури. Итно се организира сместување, полски кревети, облека, храна, курсеви по германски јазик и здравствена заштита за илјадници новодојдени, но очигледно сите заборавија на една важна работа - за која донекаде е непријатно и да се зборува.

Бидејќи, никој не се сети на бегалците да им објасни како функционираат тоалетите во Германија. Тоа веќе го спомена градоначалникот на Хардхајм, мало место на југозапад на покраината Баден Виртемберг - и веднаш беше нападнат со „дрвја и камења“ поради нетрпеливост и неразбирање за маката на бегалците. Тој „само мислел“ дека на бегалците кои дојдоа во неговата општина им е потребно и на писмено да бидат информирани дека, благодариме на разбирањето, во случај на потреба да не се олеснуваат во паркови, дворови или зад грмушка.

Нехигиенски тоалет со хартија

Проблемот е навистина од културолошка природа: во многу земји на Ориентот „нашите“ ВЦ-школки се непознати. Дури и во луксузно опкружување многу често во тоалетот е поставен само „нужник за клечење“. Затоа некои бегалци се целосно збунети, што да прават кога ќе се сретнат со „западниот“ тоалет ,каде е нормално да се седне, а по нуждата да се употреби тоалетна хартија- нешто што во тамошниот свет се смета за нехигиенско, а темелното чистење е можно и вообичаено само со течна вода.

Па така, има случаи во кои навистина се преминува границата, кога наместо тоалетот се користат кабини за туширање.

Манфред Новак од хуманитарната организација АВО од Берлин која се грижи за околу 4.000 бегалци во главниот град, гласно предупредува: такви случаи нема многу, но признава дека проблем со тоалетите „секако постои“. Тоа многу зависи и од тоа од каде доаѓаат бегалците. На многу места се поставени и „упатства за користење“ на арапски, постапката за користење на „западниот“ тоалет детално се објаснува и со пиктограми, но по правило луѓето тешко го разбираат тој начин на комуникација.

Deutschland Berlin-Weißensee Toilettenhäuschen Notunterkunft für Flüchtlinge geschlossen
Некои бегалци се целосно збунети, што да прават кога ќе се сретнат со „западниот“ тоалетФотографија: picture-alliance/dpa/P. Zinken

Сето тоа го поттикна Петер Флигеншмит на пазарот да понуди нов производ. Неговата фирма со години продава „обични“ полски тоалети, но проблемот го наведе да измисли нешто ново. Резултатот е нешто што е наречено „мултикултурен тоалет“, тоалет кој може да се користи и како „обичен“ нужник, но и како „нужник за клечење“. Производот беше претставен пред неколку дена, но веќе има многу заинтересирани.

Нови правила

Сѐ на сѐ, очигледно големиот број новодојденци ги натераа овдешните хуманитарни организации да размислат и за нешта кои во нашиот свет се сметаат за целосно разбирливи сами од себе. Па така, сега постои и интернет страницата myreligionislam.com, на која се наведуваат дури 20 правила за тоа - што и како да се стори доколку „природата повика“. Таму јасно се укажува дека по нуждата треба да се измиете со вода, а доколку нема вода, тогаш „прифатлива замена“ се камења. Доколку нема ништо друго, тогаш доаѓа предвид и бришење со рака, но само со левата, „нечистата“ рака, која потоа треба добро да се измие. Исто така, се советува да не се разговара за време на нужда, да не се пуши, а уште помалку да се читаат весници. Во секој случај, очигледно обете страни тука минуваат низ „средба со глобализацијата“.