1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Враќање во „Хотел мама“

26 февруари 2009

Се‘ повеќе млади во Шпанија се враќаат да живеат со своите родители. Причина е светската економска криза. Многумина или ги загубија работните места или не заработуваат доволно за самостоен живот.

https://p.dw.com/p/H1sj

Истражувањето на шпанскиот институт за млади (Инјуве) покажа дека покрај невработеноста, на листата на проблеми на младите е каде да се живее. Триесет отсто од испитаниците наведуваат дека им е најтешко да пронајдат стан којшто може да си го дозволат. Со таков проблем се соочи и Ксави Марцет: „Работев во една компанија во која, со платата што ја добивав, можев да си платам кирија. Но, компанијата банкротираше, јас останав без работа и немам пари, поради што морав да се вратам овде,“ вели Ксави.

„Овде“ значи назад, дома кај родителите во градот Тераса. Тој седи на каучот со цветни детали и всушност не сака да се прилагоди кон ваквата домашна „идила“. Кога почна да зборува за банкротот на компанијата во којашто работеше, неговиот татко му упадна во збор и почна да раскажува: „Имавме една слободна соба и тој се всели таму. Тој мора да се прилагоди кон нас, но и ние кон него. Со сопругата веќе неколку години живеевме сами, па можевме да си се расправаме на мира. Сега веќе не можеме.“ Мајката се смее на ваквите констатации, а на лицето на Ксави се забележува само иссилена насмевка.

На кирија одат и до 40% од платата

Кириите за становите во Шпанија се преголеми. Просечната месечна кирија од 682 евра, за многумина значи 40% од платата. Државната помош којашто ја добива Ксави не е доволна за да плаќа кирија од 700 евра, поради што единствениот излез од ситуацијата му беше да се врати кај родителите.

Jugendliche in Spanien
Млади во ШпанијаФотографија: picture-alliance/dpa

По 15 години колку што живееше сам, Ксави сега повторно мора да им поднесува сметка на родителите. Но, најголем проблем му е недостатокот на простор: „Имам син којшто некогаш престојува кај мене. Во стариот стан тој имаше своја соба, а јас си имав работна соба. Сега се‘ е во една просторија. Син ми спие на мала софа, покрај него е компјутерот и книгите. Се’ е едно до друго. Кога е кај мене, тогаш се обидувам да му го задржам вниманието со компјутерски игри, за да не испреврти се‘ во станот, “ раскажува Ксави. Во неговото друштво, најмалку уште тројца се наоѓаат во иста ситуација. Една другарка исто така живее со родителите, бидејќи со илјада евра не може да ги покрие растечките трошоци за стан под кирија. „Еден пријател остана без станот, бидејќи не успеа да ја исплати хипотеката, додека имам и пријател кој воопшто не се одсели од кај родителите“, вели Ксави.

Децата се финансиски зависни од родителите

Економската криза особено ги погоди младите коишто се на почеток на работната кариера. Така, во Шпанија, во која ионака младите дури со 27 или 30 години се селат од кај родителите, во моментов „Хотел Мама“ доживува несакана ренесанса. Психологот Антонио дел Церо од Универзитетот во Барселона вака го објаснува овој феномен: „Во Шпанија, Португалија и Италија децата се многу повеќе финансиски зависни од родителите во споредба со другите земји. Денес, веќе не станува збор за мала финансиска помош. Напротив, луѓето се приморани да се вратат и да живеат заедно, бидејќи немаат друг избор. Тоа е како враќање на ’загубените деца’, за што се свесни и родителите и децата, “ вели Церо. Според него, тоа ќе има драматични последици и за поединците и за општеството: „Освен разочарувањето поради пропаднати соништа, најлоша последица е сомнежот во самиот себе, како констатациите: не сум вреден за ништо, сам нема да успеам. Пропаѓаат и тукушто основаните семејства и врските, а на општествено ниво се намалува и довербата во институциите. Но, тој проблем, многумина го занемаруваат,“ заклучува Церо.

Ксави Марцет се‘ уште не ја загубил довербата и се пријавува за секое слободно работно место. Понекогаш нешто заработува и од курсевите по фотографии кои ги држи, а се надева дека наскоро ќе заврши оваа криза: „И покрај тоа што животот со моите родители функционира, секако дека сакам повторно да почнам да работам, да заработувам и да си плаќам кирија.“ Ова се разбира е високо на списокот желби и на неговите родители.