1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Враќање во уништените домови

Бетина Маркс/ Жана Ацеска6 август 2014

Многу луѓе во Појасот Газа го користат примирјето за да отидат во своите домови. Често, таму наоѓаат само урнатини, се обидуваат да спасат што може да се спаси. Брзаат, никој не знае колку ќе трае прекинот на огнот.

https://p.dw.com/p/1CpPx
Фотографија: Reuters

Претпазливи чекори преку шутот кој крцка под нозете-овој звук е карактеристичен за Газа денеска (06.08.2014). Примирјето трае веќе неколку часа, но се чини дека ќе трае уште, па луѓето решаваат да се вратат во своите стари живеалишта.Тие се искачуваат преку купишта шут, барајќи последни остатоци од својот поранешен живот. Неколку предмети од покуќнината, еден душек, ќебе или некоја детска играчка, повеќе не може да се спаси. Ајше наоѓа и неколку тенџериња и пластична кадичка, која за чудо го преживеала бомбардирањето неоштетена. Нејзината кујна е целосно демолирана. Во ѕидот е заглавена неексплодирана израелска ракета, долга околу 1,2 метри.

„Беше недела кога целата област беше бомбардирана, а целата куќа се нишаше“, раскажува Ајше. Семејството избегало, прво во болницата Шифа, а оттаму во училиште на ОН.

„Моето семејство, фала му на Бога, преживеа, но чичко ми и двајца братучеди останаа затрупани под урнатините“.

По израелското бомбардирање во квартот Шајајех во Газа не остана многу, цели улици се претворени во прав и пепел. Се издигнуваат понекаде само голи столбови бетон, овде-онде се наѕираат железни носачи. Насекаде се шири мирис на распаѓање, зашто под бомбардираните куќи има многумина загинати. Овде никој веќе не може да живее. Најголем дел од жителите на квартот засолниште нашле во училиштата на ОН во западниот дел од Појасот Газа.

Gaza Feuerpause 5.8.2014
Мноу куќи се целосно уништениФотографија: DW/B. Marx

Спиење на смени

Овде веќе три недели живеат стиснати еден до друг, зашто веќе немаат свои куќи. Семејствата со ќебиња одделуваат свој простор, минимална приватна сфера каде спијат. Но, за големите семејства со многу деца нема доволно место, раскажува Раида:

„Овде во овој мал агол живеат 15 луѓе. Спиеме на смени, една половина од семејството спие ноќе, другата половина-преку ден“.

Времето го поминуваат во чекање.

„Слушаме вести и чекаме што ќе се случи“, велат Раида, нејзината сестра и братучетката, убави млади жени, кои се грижат за помалите браќа и сестри.

„Наутро соработниците на ОН овде донесуваат вода, па се миеме и переме. Инаку, нема што многу да се прави“.

Низ училишниот двор се бркаат деца, тие се пријателски расположени, невообичаено весели. На една тезга на расклопување еден трговец продава лимонада во минијатурни чашички. Во едниот ќош на дворот стојат три големи метални цистерни со вода и повеќе славини.Тука бегалците се снабдуваат со вода. Покрај нив се само неколку тоалети, пред кои се извиваат долги редици луѓе. Во училиштето живеат околу 3.000 луѓе, околу илјада веќе заминале. Тие бараат засолниште некаде на друго место или се обидуваат повторно да ги приспособат своите стари куќи.

Gaza Feuerpause 5.8.2014
Деца во училиште на ОН во ГазаФотографија: DW/B. Marx

Преоптоварено здравство

Во болницата Шифа, по запирањето на борбите, е малку помирно. Најголем дел од пациентите кои овде беа донесени минатите недели, или се веќе умрени или пренесени во други станици. На станицата за интензивна нега сега има уште тројца тешко ранети, едно мало девојче и двајца млади мажи со бројни скршеници и внатрешни повреди, последица од експлозиите. Петгодишното девојче има тежок потрес на мозокот. Целото нејзино семејство настрадало, само девојчето преживеало. Немирно се движат нејзините ножиња, ги отвора очите и повторно ги затвора. Лекарите не знаат дали кај неа ќе останат трајни последици.

Во болницата Шифа моментно работи и д-р Гасан Абу Сита. Тој дошол од Бејрут за да им помогне на лекарите во Газа и да ги згрижи ранетите. Инаку, тој е пластичен хирург и специјалист за рани од војната. Уште во војната во Газа во 2008/2009 бил овде и им помагал на пациентите настрадани од фосфорните гранати кои Израел тогаш ги употребил. Во оваа војна очигледно е употребена многу нова, опасна муниција, која остава страшни рани и нужно повлекува бројни ампутации.

„Откако пристигнав овде пред десет дена, дневно вршам по пет до шест операции“, вели Абу Сита. 80 проценти од неговите пациенти ќе останат или телесни инвалиди, или цел живот ќе страдаат од деформации.

„Тоа се деца, жени, млади мажи, со ампутации, изгореници на лицето. Имав случај на осумгодишно дете кое ги загубило двете очи и половината од своето лице“.

Во оваа војна меѓу загинатите и ранетите има посебно многу дец, истакнува Абу Сита. Тој и самиот е Палестинец и татко на три деца. Токму затоа најмногу го погодува ситуацијата на децата кои единствени преживеале од своето цело семејство.

„Осумгодишно дете, кое го загубило видот и останало сирак во војната, што ќе биде од него? Не знам кој ќе се грижи за овие деца, не знам“.