1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вратите на НАТО за БиХ се отворени, но...

Марина Максимовиќ / Александра Трајковска18 март 2014

НАТО очекува дека БиХ би можела да ги исполни условите за Акциониот план за членство до септември. Условите и стандардите за евроатлантска интеграција не се непремостиви за БиХ, беше порачано во Брисел.

https://p.dw.com/p/1BReS
Фотографија: Reuters

„Сојузниците се подготвени да го активираат Акциониот план за членство на Босна и Херцеговина, со што БиХ би се приближила до НАТО и евроатлантската заедница. Ние остануваме на нашата понудa, но само БиХ е таа која може да го 'отклучи' Акциониот план за членство со примена на договорот за недвижен воен имот“, порача генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен на состанокот со членот на претседателството на БиХ Жељко Комшиќ во Брисел.

Откако во 2010 година официјално беше повикана да се приклучи на Акциониот план за членство, БиХ до денес го нема исполнето последниот услов, а тоа е решавање на прашањето за недвижниот одбранбен имот. Хрватскиот член на претседателството на БиХ Жељко Комшиќ појаснува зошто ова прашање „со години не се мрда од мртва точка“. Тој вели дека во БиХ постои „правно технички, но не и политички консензус“ за примена на постоечкиот закон.

И додека генералниот секретар на НАТО порачува дека би сакал што поскоро да ја види примената на Акциониот план за БиХ и дека „условот за тоа не е непремостлив за БиХ“, Комшиќ дополнува: „Нам апсолутно ни е јасен ставот на генералниот секретар и членките на НАТО дека ова е прашање поради кое БиХ не може да тргне напред кога станува збор за Акциониот план. Знаеме дека тие 63 локации на перспективен воен имот не се клучна работа за НАТО, но постигнување на политички договор и реализација на тој услов би било потврда за тоа колку сме подготвени како земја да функционираме на начин на доверлив партнер на НАТО“.

Zeljko Komsic Präsidium Bosnien Herzegowina Sarajevo
Жељко Комшиќ: Во БиХ не постои политички консензусФотографија: klix.ba

Заедно со оценката дека НАТО е посветен на стабилноста и безбедноста за целиот регион на Западен Балкан, како и на евроатлантските интеграции на оние земји кои изразиле желба за членство во Сојузот, Расмусен ја повика БиХ на широки реформски процеси заради просперитет на земјата.

„Напредок е неопходен и во другите реформи на одбраната, но и пошироки демократски и економски реформи како би се решавале прашањата како што е јакнење на владеењето на правото и борбата против корупцијата. Неодемнешните протести во БиХ се повик од народот за реформи. Тоа е глас кој политичките лидери во БиХ мораат да го слушнат и да спроведат потребни реформи“, рече Расмусен.

Anders Fogh Rasmussen PK in Sarajevo
Размусен со членовите на босанското претседателство при поранешна посета на СараевоФотографија: Elvis Barukcic/AFP/Getty Images

Покрај очекувањето дека БиХ пред септември оваа година и следниот самит на НАТО ќе го реши прашањето за воениот имот и ќе го активира Акциониот план, генералниот секретар на НАТО Расмусен и’ се заблагодари на БиХ за активен придонес во меѓународната мировна мисија во Авганистан (ИСАФ) и на дополнители 26 припадници на воената полиција на БиХ, кои со припадниците на американската Национална гарда се распоредени во Кандахар.