1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вратете ни ја заштедата!

Драган Максимовиќ / Александар Методијев11 мај 2012

Откако Словенија и Хрватска овие денови го покренаа прашањето за враќање на старите девизни заштеди во бившата Љубљанска банка, следуваше лавина реакции на штедачите во БиХ, кои ги оставија парите во оваа банка.

https://p.dw.com/p/14tly
Фотографија: DW

Со договорот за сукцесија на поранешните југословенски републики, кој беше потпишан во 2001-ва година, државите се обврзаа да го расчистат ова прашање. Меѓутоа, ниту по 11 години ништо не се променило. Милиони марки „лежат“ депонирани во банките во Словенија, но и во Србија. Граѓаните своите права си ги бараат пред Судот за човекови права во Стразбур. Штедачите очекуваат до крајот на годината конечно да биде решена нивната повеќегодишна агонија.

„Јас сум Миомир Курушиќ, син на девизниот штедач Бора Курушиќ, кој 30 години работеше во странство. Бевме без татко, го гледавме еднаш годишно, додека не отиде во пензија. Главно парите ги штедеше во Љубљанска банка и во Југобанка. Вкупниот износ е меѓу 900.000 и 1.000.000 марки“.

Курушиќ е еден од милион и 116 илјади граѓани на БиХ, кои своите пари ги штедеа во банките во земјите на поранешната Југославија, а до кои сега не можат да дојдат, затоа што сите си ги мијат рацете од одговорноста. Денешната Нова љубљанска банка, иако тврди дека не е правен наследник на бившата Љубљанска банка, настана од нејзината актива, делумно и со депонираната заштеда на девизните штедачи.

Sparbücher aus Ex Juugoslavien
Миомир КурушиќФотографија: DW

Во одговорот што ни го испратија од Нова љубљанска банка меѓу другото се наведува: „Старата девизна заштеда на штедачите од БиХ, Хрватска, Србија, Словенија и Македонија остана во Народната банка на Југославија, по нејзиниот распад, што е видливо од договорот за сукцесија, кој во 2001-ва година го потпишаа државите наследнички“. Од банката наведуваат дека Република Словенија ги исплатила средствата по основ на старата девизна заштеда на своите граѓани, кои имале девизни книшки, без оглед на нивната националност.

Заштедата (не) може да биде предмет на сукцесија

Меѓутоа, договорот за сукцесија го дефинира имотот на бившите држави, што значи дека тоа не се однесува на старата девизна заштеда, бидејќи таа претставува приватен имот. На ова укажува и заменик министерот за финансии Фуад Касумановиќ, кој вели дека БиХ веќе 11 години не направи ништо да ги заштити своите граѓани.

„Сукцесијата се прави на државниот имот, а ова е личен имот на граѓани, како кога имаат куќа или стан... Граѓаните на БиХ требаше да искористат и други варијанти, ако видоа дека нивната влада не работи во нивно име, туку во име на словенечката влада. Требаше да тргнат со приватни тужби“, вели Касумовиќ.

Бидејќи ништо друго не им преостана, штедачите покренаа приватни тужби. Претседателката на Управниот одбор на Здружението за заштита на штедачите во БиХ Амила Омерфостиќ вели дека судовите во Словенија пресудиле во неколку предмети дека парите на штедачите од БиХ навистина се префрлени во тогашната Народна банка на Словенија и дека правната обврска за враќање на парите ја има Нова љубљанска банка.

„И тоа му го доставивме на Судот во Стразбур со оглед дека таму се одвива значаен предмет за нас на основа на кој се бараат пари од Љубљанска банка“, вели Омерфостиќ.

Sparbücher aus Ex Juugoslavien
Заштедата на КурушиќФотографија: DW

Блокади на амбасадите во Европа

За разлика од Хрватска, која на себе ја презеде исплатата на заштедата на своите граѓани, а сега ги бара тие средства од Словенија, БиХ никогаш не ја презема таа обврска. Од друга страна, Здружението на граѓани за враќање на старите девизни заштеди во БиХ и дијаспората ангажираше една германска агенција, која во сите европски институции ќе покрене прашање за враќање на старите девизни заштеди, вели претседателот на здружението Светозар Нишиќ.

Sparbücher aus Ex Juugoslavien
Светозар НишиќФотографија: DW

„Баравме да го изградиме автопатот Прњавор-Добој, бесплатно, да не земаат кредит од 150 милиони. Да му подариме пат на овој народ. Нема шанси. Подобро ќе земат кредит, за сите да го враќате. Но, им доаѓа крајот. Ние сега се префрливме во Европа“, вели Нишиќ, кој најавува протести и блокади на амбасадите на БиХ, Србија и Словенија во Европа за како што вели „да им се стави крај на лоповите кои ги испокрадоа граѓаните“.

Според податоците, во БиХ има милион и 116 илјади девизни штедачи кои имаат околу три милијарди и 200 милиони марки заштеди. Над 300 милиони марки од тој износ се однесува на заштедата во Љубљанска банка, а 200 милиони во Инвест банк во Белград. Штедачите се надеваат дека ќе ја искористат пресудата против Љубљанска банка од Судот во Стразбур како добра основа за покренување тужба и против Инвест банк, односно државата Србија