1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Војникот Бергдал се врати во САД

АТ/ дпа/афп/ртр13 јуни 2014

По пет години минати во заложништво во Авганистан американскиот војник Боув Бергдал се врати во САД. Неговиот медицински третман треба да продолжи во болница во Тексас.

https://p.dw.com/p/1CHfk
Фотографија: Getty Images

Американскиот војник Боув Бергдал, кој беше во петгодишното заробеништво кај талибанците, пристигна во татковината - САД, соопшти портпаролот на Пентагон Џон Кирби. Војникот, кој по неговото ослободување беше во Ландштул, во покраината Рајнланд Пфалц во Германија, полета во правец на САД од американската воена база Рамштајн (на насловната фотографија). Бергдал во Сан Антонио во Тексас ќе добие натамошна медицинска нега. За време на неговото лекување Берегдал нема да се појавува во јавноста.

Ослободувањето на Бергдал предизвика контроверзии, бидејќи за него беа разменети петмина талибанци, кои беа во американскиот воен затвор Гванатамо на Куба.

Спорната спогодба со талибанците предизвика негодувања во Вашингтон, бидејќи Бергдал најверојатно недозволено ја напуштил својата позиција. Американскиот министер за одбрана Чак Хејгл најави дека ќе се спроведе истрага за исчезнувањето на Бергдал и за неговото заробеништво.

Размената на Бергдал наиде на жестока критика кај републиканците. Тие ја обвинуваат владата дека преговарала со „терористи“ и дека направила преседан. Некои републиканци го обвинуваат претседателот на САД Барак Обама за кршење на законите, бидејќи не го информирал Конгресот навремено за отпуштањето на затворениците од Гвантанамо.