1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Војната се шири кон Пакистан?

17 октомври 2010

Закани, воздушни напади, а наскоро и американски трупи на копно? Зголемувањето на бројката директни напади од страна на САД врз Пакистан предизвикуваат загриженост за проширување на авганистанската војната и во Пакистан.

https://p.dw.com/p/PVs8
Фотографија: AP

Пакистан, минатата недела реагираше доста разумно на повеќето инциденти во кои трупите на НАТО влегоа во воздушниот простор на Пакистан, иако немаа дозвола за тоа. На 30 септември хеликоптери на НАТО отворија оган врз пакистански погранични трупи и убија тројца војници. Според извештајот на НАТО, хеликоптерите наводно претходно биле нападнати од пакистанска страна и ја преминале границата во самоодбрана. Пакистанскиот министер за внатрешни работи Реман Малик се закани: „Ова нема да се ограничи само на јавна осуда. Ќе одговориме на секој напад врз нашите војници! Едноставно мораме да знаеме на што сме: или сме сојузници или непријатели!“

Фрустрациите на САД поттикнуваат радикални мерки

Хеликоптерите се само мал дел од проблемот. Веќе подолго време во НАТО, а особено во САД се јавуваат фрустрации поради тоа што авганистанските талибанци се кријат во засолништа во Пакистан од каде потоа ги напаѓаат трупите на НАТО. Ваквата пракса не е застапена само во пограничните региони. Напротив, во Вашингтон постои верување дека водачите на Талибанците се сместени во пакистанскиот град Кета. Ваквите фрустрации ја наведуваат Америка на промена на воениот курс и земање на борбата против милитантните исламисти во Пакистан под своја контрола. Според неодамнешни наводи на весникот „Њујорк тајмс“, веќе биле изработени планови за кратки воени операции од американска страна во Пакистан.

Pakistan Rebellen fackeln schon wieder Nato-Laster 04.10.2010
Ситуацијата и натаму напната и неизвеснаФотографија: AP

Поранешниот амбасадор на САД во Пакистан, Вилијам Мајлем, верува дека последните воздушни инциденти немаат цврста врска со плановите за терористички напади кои деновиве предизвикаа жестока дебата на Запад: „Сметам дека сето ова има поголема врска со Авганистан. Што се однесува до најавените планови за терористички напади од страна на Ал Каеда, не смееме да креваме паника се` додека не бидеме сигурни за причинителите на ситуацијата. Потерата по авганистанските Талибанци, најверојатно од групата на Хакани, мора да продолжи и надвор од границите на земјата.“

Ситуацијата и натаму неизвесна

За познатиот пакистански експерт за безбедност, Талат Масод, развојот на настаните е алармантен: „Пакистанската влада и армијата треба да го информираат населението за тоа дали навистина постои некаков договор со кој на американските трупи им се дозволува пристап во земјата или тоа се изведува сосема нелегално. Стана повеќе од очигледно дека САД и НАТО ја пошируваат војната кон Пакистан, што би можело да има трајни последици за земјата.“

Пакистанската влада уште веднаш искористи ефикасно средство за вршење притисок врз САД. Имено, од минатиот четврток, најважниот граничен премин меѓу Авганистан и Пакистан, Кајба-Пас, беше затворен за транспорт на какви било средства за НАТО, која, пак, три четвртини од својата логистика за војната во Авганистан ја врши преку пристаништата и патиштата во Пакистан.

Nato-Angriff Pakistan
Трупи на НАТО во пограничниот регион меѓу Пакистан и АвганистанФотографија: AP

Од друга страна, Пакистан е зависен од помошта на Обединетите нации и затоа не смее да претерува во своите постапки. Минатиот викенд, пакистанскиот амбасадор во Вашингтон, Хусаин Хакани, изјави дека очекува повторно отворање на границата наредната недела. Очигледно, Пакистан прави напори во замена за гаранциите на американските воени сили дека во иднина ќе бидат избегнати какви било погранични конфликти. И Вилијам Мајлем смета дека конфликтот нема да ескалира: „Според мене, пакистанската војска сфати дека се` што правиме е и во нивен интерес, но граѓанската влада, и војската секако, мора да го земе предвид бруталното анти-американско мислење во јавноста. Токму затоа има толку вербални реакции од нивна страна на недозволеното користење на пограничниот простор.“

Автор: Томас Бертлајн/ Далибор Стајиќ

Редактор: Александра Трајковска