1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Војната во Сирија стигна и до Босфорот

СН/нп,лвц,еп,нт,нбк,нвз,бнн,ноз13 јануари 2016

Терористичкиот напад во Истанбул, во кој повеќето загинати беа туристи од Германија, разбирливо е главна тема на коментарите во германскиот печат.

https://p.dw.com/p/1HcLT
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Bozoglu

По терористичкиот напад во турската метропола германскиот весник „Нордвест цајтунг“ коментира: „Со убиството на Европејци во Истанбул, Исламска држава праќа две пораки. Првата гласи: можеме да ги убиеме неверниците каде и кога сакаме. Втората: ја погодивме Турција таму каде што е најчуствителна - нејзиниот туризам и со тоа и нејзината економија. Анкара предолго само набљудуваше или дури ги поддржуваше активностите на ИД. Но, кој со ѓаволот тикви сади, тие - порано или подоцна - ќе го удрат по глава. ИД на болен начин го научи турскиот претседател Ердоган на таа мудрост“.

Во „Нордбајеришер курир“ пак читаме: „Тукушто германските пилоти на разузнувачките авиони од типот Торнадо од НАТО-базата Инџирлик ги започнаа своите извиднички летови над сирискиот регион, еден млад борец на ИД се крена во воздух среде една германска група туристи. Осум германски туристи го загубија животот. Исламска држава очигледно води војна против Германија.“

Türkei Explosion in Istanbul
Фотографија: Reuters/K. Aslan

Ноје Таг“ коментира: „Тоа што Турција повторно стана бојно поле е заслуга на нејзините власти. Ердоган без потреба го распламте студениот судир со ПКК и ја поддржа ИД. Така самиот постави фитил во експлозивот. ЕУ, САД, Турција и Русија имаат заедничка задача да го средат хаосот на Блискиот Исток во чие создавање придонесоа, а за промена би можеле да станат оска на разумот“

Ајзенахер Пресе“ пак истакнува дека нападот во Истанбул погодува директно во срце: „Меѓу Аја Софија и Сината џамија живее оваа метропола на Босфорот. Како ниту еден друг град, Истанбул ја симболизираше мирољубивата средба меѓу западниот свет и веќе не толку далечниот исток. Тој идеал сега не важи. Претседателот Ердоган дефинитивно ја загуби контролата над Турција. Додека на истокот на земјата владее состојба слична на војна, Турција ја губи поддршката во надворешната политика. Врската со Москва е замрзната, а Западот ѝ го врти грбот на Анкара. Ердогановите игри се премногу заплеткани“.

Според коментаторот на Лајпцигер фолксцајтунг“, Турција стави многу работи на коцка: „Досега оваа земја важеше за стабилна и интересен мост кон арапскиот свет - подеднакво атрактивен и за туристите и за инвеститорите. Сега, поради географската близина со Сирија и со Ирак, но и нерешените внатрешнополитички судири, проблемите буквално ја прегазија Турција. Туристите се колебаат, меѓународните кредитори заминуваат. Земјата чекор по чекор го губи внатрешното единство, а не изгледа ни дека претседателот Ердоган има некој разумен одговор на тоа.“

„Ноје пресе“ забележува: „Повторно терористички напад, и повторно умираат недолжни луѓе чија единствена вина е тоа што се наоѓаат во погрешно време на погрешно место. Во овој случај настрада и група германски туристи која на пријатна температура и сонце сакала да ги посети славните споменици во историскиот дел на Истанбул. Со својата бомба, исламистите го погодија историското срце на градот, кој се наоѓа еден дел во Европа, а еден во Азија и важи за мултикултурен и отворен. Тие, како и во Париз, за своја цел го прогласија отворниот дух и позитивното чувство за животот. А и туризмот, кој е за економски разнишаната Турција исклучително важен извор на приходи, беше цел на терористите.“

Istanbul Trauer nach Bombenanschlag
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/E. Gurel

„Ноје оснабрикер цајтунг“ констатира дека нападот на германските туристи во Истанбул предизвика ужаснати реакции и продолжува: „Човек се прашува: што е наредно? Како и во нападите во Париз и Брисел, се создава впечаток дека секој може да се најде во близина на атентатори. Тоа е доказ дека и тероризмот на ИД е голема закана. И ова нема врска со исламот? Поголемиот број муслимани се дистанцира, и тоа е уверливо. Но, самоубиствените атентати ќе запрат дури кога ќе исчезне и визијата за рајот, според која оној кој убива луѓе со експлозив нема да биде казнет со пекол, туку награден со 72 девици.“

„Бадише нојесте нахрихтен“: „Јасно е дека војната во Сирија стигна и до Босфорот. ИД, која како една од целите има освојување на Истанбул, ја предизвика турската држава. По оваа бомба, на секој турски политичар мора да му биде јасно дека ИД претставува смртоносна опасност за Турција.“