Војната во Газа заврши, маките продолжуваат
24 септември 2014Рибниот пазар кој се наоѓа веднаш до малото пристаниште во Газа врие од активност рано наутро. Сега, откако на рибарите им е дозволено да ловат подалеку од брегот - до 6 наутички милји, разновидноста на рибата која ја ловат се зголеми. За многумина во Газа оваа концесија е единственото видливо постигнување од војната која заврши пред неполни четири недели. Но, на рибарите им е потребно повеќе: „Потребни ни се најмалку 12 милји за да можеме да живееме од рибарството“, вели рибарот Ибрахим Салем Абу Садех. „Но, добивме само 6 милји. И тоа е подобро од ништо, што можеме ние“, вели тој.
По потпишувањето на примирјето, многумина во Газа не знаат што ќе следува во ситуацијата која е многу комплицирана. „Доколку ја погледнете состојбата во Газа денес, таа е многу полоша отколку пред почетокот на војната“, вели Мкаимер Абу Саада, политички аналитичар на Универзитетот Ал Ажар. „Претходно, Газа беше политички изолирана, страдаше од голем процент невработеност, сиромаштија и тешки економски проблеми поради блокадата. Но, сега на тоа треба да се додаде и големото уништување кое го нанесоа Израелците“.
Голема несигурност
Третата војна во шест години меѓу Хамас и Израел траеше седум недели и беше најсмртоносна за 1,8 милиони луѓе кои живеат во малата приморска енклава. Повеќе од 2.000 Палестинци, меѓу нив 500 деца, беа убиени. Цели населби се целосно уништени. Според проценките на ОН, околу 18 илјади приватни домови се целосно уништени, а околу 100 илјади луѓе можат трајно да останат без кров над глава. Со приближувањето на зимата, многумина не знаат каде ќе живеат. Некои изнајмија станови, но повеќето останаа во привремените шатори или во училиштатата на ОН. Нема ниту градежни материјали, затоа што Израел го блокира нивниот увоз стравувајќи дека Хамас би можел да ги искористи за изградба на тунели.
„Искрено да ви кажам, немам никаква идеја што да правам и каде да почнам. Освен боновите за храна, никаква друга помош не сме добиле“, вели Мохамед Шинбари, 29-годишен жител на Беит Ханун, кој заедно со семејството живее во шатор до урнатините од некогашната куќа. Семејството чека инженери кои треба да ја проценат штетата. Но, се’ уште не е започнато ниту со расчистување на сметот во реонот.
Политички превирања
Многу нешта зависат од преговорите меѓу Израел и Палестинците кои се водат под покровителство на Египет во Каиро. Работите ги комплицираат и тензиите меѓу Хамас и Фатах кои повторно излегоа на површина по завршувањето на војната. Технички, Хамас ја распушти својата влада откако беше формирана преодна заедничка влада во јуни. Но, сепак организацијата цврсто ја држи контролата врз безбедноста и администрацијата во Газа, поради што палестинскиот претседател Махмуд Абас го обвини Хамас дека владее во сенка.
Набљудувачите се сомневаат дека меѓународните донатори ќе бидат расположени да ја финансираат обновата на Газа сѐ додека палестинските власти не преземат целосна контрола. Многу западни земји не комуницираат директно со Хамас, оти ја сметаат за терористичка организација. За Газа, ова претставува дополнителна пречка за тешкото опоравување. „Каде е владата? Осум години имаше влада и бевме блокирани. Сега имаме таканаречена ’Влада на национален консензус’. Каде се тие? Тие само се борат меѓу себе“, вели Мунтер, млад татко од Беит Ханун.
Засега, жителите на Газа ќе мора да чекаат и да се надеваат дека претстојните дипломатски напори меѓу Хамас и Фатах од една и Израелците од друга страна ќе донесат конкретни резултати.