6 април: Бомби врз Белград
6 април 2021Навистина? Баш денеска? Да, вистина е - календарот навистина покажуваше 6 април кога во 1999 година авионите на НАТО почнаа да го бомбардираат српскиот главен град Белград. Тогаш за тоа не пишуваше никаде. Еден германски дипломат реагираше со неверување и огорченост кога дозна за каква чувствителна годишнина се работи. Точно на тој ден, 58 години претходно, германскиот Вермахт почна со разорување на Југославија. Со бомби врз Белград.
Наспроти тоа, во Србија тој чувствителен датум не помина незабележано. Одлично ѝ одговараше на пропагандата. Германски претензии беше легендата која тогашниот претседател и воен лидер Слободан Милошевиќ им ја понуди на граѓаните на земјата како објаснување за новото разорување на Југославија, за кое, не како последно, беше одговорен самиот. Токму како што некогаш Адолф Хитлер ја испружил раката по суровините на таа земја и сакал да го претвори Балканот во бастион против Русија, така и Хелмут Кол, и особено неговиот министер за надворешни работи Ханс-Дитрих Геншер, сакаале на новата, голема Германија таму да ѝ обезбедат „заден двор“ од мали зависни вазалски држави, се слушаше во белградската пропаганда речиси цела деценија.
Повеќе: Штуките дојдоа в зори
Во Германија во таа 1999 година тој мит, ако воопшто, тогаш на знаење се примаше со неверување. Со полно право: зад интервенцијата на НАТО немаше никакви желби за окупација. Нивна цел беше да спречат друга војна која му се закануваше на Косово, веќе четврта од пропаста на Југославија, развој на настани во кој можеа да се очекуваат нови ѕверства и прогонувања. Германија беше сѐ, само не придвижувачка сила на овие напади на НАТО. Новата црвено-зелена влада со чкртање на забите во Бон попушти под притисокот на американскиот претседател Бил Клинтон и даде согласност за воздушни напади. Не беа германски авиони тие кои ја бомбардираа полициската академија во Нов Белград, туку тоа беа американски летала. Но, дека тој датум воопшто на радар го немаа дури ниту високи претставници на нацијата која инаку посветува големо внимание на соочување со минатото, е исто така факт кој многу зборува.
Сеќавањето на германската политика кон Југославија на почетокот на четириесеттите години од минатиот век, на злосторствата на германските окупатори и пред сѐ геноцидот над босанските и хрватските Срби, кој не би бил можен без германско кумство на усташкиот режим, во Србија беше и остана живо. Тоа во никој случај не му припаѓа само на Милошевиќ. Со тие сеќавања раснеа генерации, во многу семејства тие се присутни до денес. На настаните потсетуваат безброј споменици. Во 1999-та сѐ уште беа живи и многу сведоци. Организирани масовни убиства на 4.000 недолжни цивили, стрелање на стотина заложници за секој убиен германски војник и педесет за секој ранет - сето тоа има свое цврсто место во колективното сеќавање на Србите.
Во Германија во 1990-те, пак, сето тоа беше потполно заборавено. Притоа, одамна стана општо позната вистина дека жртвите на теророт „не смеат никогаш да се заборават“. Места како Орадур-сур-Глан во Франција, Лидице во Чешка, Ардеатинските пештери во Италија беа добро познати за заинтересираната јавност во Германија. За пештерите во Босна или за масакрите во Краљево или Крагуевац одвај да знаеше некој.
За тоа што германските злосторства над Србите не најдоа свое место во германската свест по војната, има различни причини - разбирливи, но и непростливи. „Србија“ во свеста на повоените генерации беше поим без содржина, во најдобар случај будеше сеќавање на Првата светска војна. Југославија, која дојде на нејзино место, беше држава и на жртви и на сторители. За да создадат мир, комунистите за тие злосторства не обвинуваа ниту една нација - ниту Хрватите ниту Германците, туку фашистите од сите нации.
Повеќе: Денот кога гореше Белград
Таквото толкување се прифаќаше многу радо во Германија - тоа биле нацистите и кој може со нив да има помалку врска од нас? Тоа беше лагата во која се сакаше многу да се верува. Не биле Ес-Ес единиците тие кои дивееле по Балканот, туку тоа бил пред сѐ Вермахтот, регуларната војска на Рајхот. Не морало да се биде нацист за во Србија да се стрелаат илјадници невини луѓе. Жртвите гинеле во име на германската нација, не во име на некаква идологија.
Повеќе: Интервенцијата на НАТО во Србија, 20 години потоа
Тој заборав не остана без последици. Кога во раните 1990-ти во германската јавност почнаа да се слушаат тонови кои потсетуваа на старите пријателства и непријателства со Србите, не се слушаа никакви самокритики. За стравовите на Србите, пред сѐ оние кои живееја во Хрватска, колку и тие да да биле претерани и политички инструментализирани, во Германија немаше ни трага разбирање какво што заслужуваа.
Страдањата на Србите во Втората светска војна не оправдуваат никакво страдање кое Србите им го нанесоа на други половина век подоцна, тоа е вистина. Жртвите не може да се поништат ако ги има на двете страни. Шести април би бил добра прилика за темелно да се размисли за германските злосторства и за последиците за кои треба да бидат свесни внуците на некогашните сторители. Никаков Милошевиќ не може да ни го симне тој товар од грбот.