1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Воени пензионери си ги бараат становите во БиХ

3 ноември 2010

Доколку Федерацијата на БиХ не ја испочитува пресудата на Судот за човекови права во Стразбур во случајот „Ѓокиќ“, воените пензионери од Република Српска најавуваат радикални мерки, вклучително и протести во Сараево.

https://p.dw.com/p/PwE5
Европскиот суд за човекови права во СтразбурФотографија: AP

Судот за човекови права во Стразбур неодамна ја прогласи за правосилна пресудата во случајот на Бранимир Ѓокиќ, поранешен офицер на ЈНА, и таа ќе мора да се изврши до 4. јануари идната година. Прашањето е дали Федерацијата ќе ја испочитува оваа одлука, иако тоа би можело да доведе и до банкрот на ентитетот? Но, во спротивно, се заканува опасноста БиХ да го загуби кредибилитетот пред меѓународните институции.

Судот во Стразбур пресуди дека Федерацијата треба да му исплати сума од 65 илјади евра на Ѓокиќ поради неоствареното право на враќање на неговиот стан во Сараево. Во пресудата се наведува дека станот на Ѓокиќ, кој во моментов живее во Ниш, Србија, е еден од 16-те илјади станови кои биле под контрола на ЈНА. Здружението на воените пензионери од Република Српска велат дека тие побаруваат околу 300 станови, а со случајот „Ѓокиќ“, според претседателот на Здружението, Милорад Кутлешиќ им се отвора патот и на други оштетени.

„Сега треба да се исцрпат сите средства на ниво на државата БиХ, па потоа предметите да се упатат во Стразбур, затоа што судот во Стразбур не прифаќа тужби додека не се исцрпат сите можности во домашните судови“.

Федерацијата ќе банкротира доколку ги исплати парите

За два дена воените пензионери од Република Српска ќе одлучат дали ќе протестираат пред Владата во Сараево доколку не се испочитува одлуката. Тие тврдат дека Федерацијата не им дозволува на пензионерите докрај да ги исцрпат правните норми во земјата, поради што не можат да се жалат до Стразбур.

На другата страна, со барањето на пензионерите од Република Српска не се согласуваат боречките здруженија од муслиманскиот дел. Членот на координативното тело на тие здруженија, Авдо Хебиб вели дека до судот во Стразбур биле поднесени фалсификувани документи, бидејќи Ѓокиќ своето барање го поднел 20 дена откако Федерацијата забранила откуп на воени станови.

Demonstrationen in Sarajevo
Во април годинава поради нерешениот статус протестираа поранешните војници од Армијата на БиХФотографија: DW

Во федералната Влада негираат дека во становите живеат високи државни функционери, како што се прикажува во тамошната јавност. Федералниот премиер Мустафа Мујезиновиќ по одлуката на судот во август изјави дека таа нема да биде почитувана, бидејќи Федерацијата би можела да банкротира доколку пресудата се примени и на останатите, околу 20 илјади станови кои пред војната биле во сопственост на Срби. Мујезиновиќ вели дека, доколку некои станови се откупени треба да им се исплати отштета на сопствениците, но притоа да не се создаваат проблеми со боречките пензионери кои веќе се вселиле во нив.

Автор: Драган Максимовиќ/ Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска