Водство, но сѐ уште не и победа на опозицијата
18 мај 2015Впечатливи слики од македонскиот главен град Скопје: десетици илјади граѓани допатувани од сите страни на земјата - и покрај сите можни валкани трикови на оние од власта да го спречат тоа, мирољубива атмосфера, јасни пораки до спорниот премиер Никола Груевски: неговото време помина и тој треба да си оди. И тие пораки не дојдоа само од опозиционите социјалдемократи, кои повикаа на голем протест. На вчерашната демонстрација немаше никакви партиски симболи. Недвосмислено силна симболика меѓутоа претставуваа различните знамиња – македонски, албански и од другите етнички групи што живеат во државата: не беа тие што протестираа во Скопје ни партиски членови или симпатизери, ниту Македонци, Албанци, Срби, Турци или Роми, туку тоа беа незадоволни граѓани. Благодарение на откритијата од „бомбите“ кај илјадници граѓани се создаде впечаток за тоа дека на власт е арогантна и корумпирано-криминална клика што ги гази нивните права. Тоа ги мотивира да демонстрираат, не само вчера, туку и со денови пред тоа. Се’ едно колку долго ќе остане Груевски премиер, владеењето ќе му биде се’ потешко оти веќе ништо не е како порано. Штом еднаш им се разбуди свеста и се ослободија од стравот, граѓаните се’ покатегорично и поупорно ќе се борат за правото да живеат во вистинска, а не во божемна демократија. Меѓу демонстрантите доминираа помладите, чие секојдневие е под белегот на невработеност и бесперспективност; тие се борат за иднината на државата, а со тоа и за својата иднина. Тие, како што беше најавено, ќе кампуваат пред седиштето на владата се’ додека премиерот не даде оставка.
Значи, спортски кажано, незадоволните граѓани преминаа во водство.
Само, тоа ни оддалеку уште не е нивна победа. Веќе за денес е закажан контра-протест. Повторно ќе бидат во игра валкани трикови, но за разлика од вчера и деновите пред тоа, овојпат со цел да се доведат колку што е можно повеќе луѓе. Со тоа треба да биде покажано колку е широка и голема поддршката на населението за премиерот и неговата влада. И, се разбира, да се засили позицијата на Груевски, како за утрешните преговори со водачот на опозицијата Зоран Заев во Стразбур со посредство на тројцата европарламентарци, исто така и во однос на притисокот за оставка, покрај другите, се’ понеприкриено и од претставници на водечките западни земји.
Играта продолжува, крајот уште не е на повидок, натамошни турбуленции се програмирани. Македонија мачно се бара самата себе си, ја бара својата иднина и најдобриот пат кон неа. Парадоксално е дека обете спротивставени страни зборуваат за иста цел: членство во ЕУ и НАТО, интеграција во западниот свет. Само, кај едната - власта – воопшто и не е толку сигурно дека тоа навистина го сака. А за другата - опозицијата – и да го сака, не е во позиција да го реализира. А пред обете се испречува досега несовладливата пречка: грчкото вето поради спорот околу името. ЕУ, пак, се ангажира – навистина прилично задоцнето, за да ја врати Македонија на патот кон приближување и членство, но досега премалку и само со половична волја, за да ја отстрани таа пречка.