1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Водата ги покри и границите меѓу луѓето

Мирсад Чамџиќ / Елизабета М. Фиданоска24 мај 2014

Ако има нешто добро во поплавите во БиХ, тогаш се тоа поплавените граници меѓу луѓето. Занемарени се нацијата, верата, ентитетот - им се помага на оние на кои помош им е најпотребна. Репортерот на ДВ беше во Добој.

https://p.dw.com/p/1C6AG
Фотографија: DW/M. Camdzic

„Во Добој дојдов самоиницијативно. Му пријдов на полицаец и се пријавив, да не помисли дека сум дошол да крадам. Не се плашам од водата и сакам да отидам во Шамац. ‘Ех, само што замина минибусот, туку - сакаш ли со мене во МВР?‘, ме прашува. Три дена волонтирав, работев сешто. Ја иселив добојската полиција, столови, компјутери, се‘ извадивме од вода. Другиот ден ме прашуваат: ‘Како се викаш момче? Мустафа Мујкиќ.‘ Тогаш полицаецот Драган ме прегрна“, раскажува невработениот професор по историја од општината Добој Исток.

И навистина, „малиот човек“ го положи испитот. Луѓето од Тешањ им помагаа на оние од Добој, стотици доброволци од Градач го спасуваа Шамац, луѓето од Добој му помагаа на Жепче. Големата несреќа ги обедини луѓето.

Кемал го чисти автомобилот на Јелена

Кемал Диздаревиќ во своето село Соко, кај Грачаница, го вози веќе петтиот автомобил од Добој. На неговата приколка е возилото на Јелена Савиќ, економист во една поплавена добојска фирма.

Balkan Hochwasser Aufräumarbeiten Bosnien 23.05.2014
Кемал Диздаревиќ бесплатно ги чисти автомобилите од ДобојФотографија: DW/M. Camdzic

„Сопствениците нудат пари, но тоа никому не му паѓа на ум. Тие велат: ’Земи, барем за трошоците’. Јас го носам автомобилот во својот двор, имам црева за перење и правосмукалки. На возилото му го испуштам маслото, ги менувам филтрите, ги чистам контактите. Луѓето се во проблеми, вистински хаос“, вели Диздаревиќ низ прозорецот од автомобилот.

Јелена му заблагодарува и вели дека да ги немало луѓето од Федерацијата БиХ, тие би умреле од глад и жед.

„Се‘ што добив како помош стигна од Тешањ, им благодарам до небо. Помогнаа и луѓето од Грачаница, и‘ се заблагодарувам на пријателката Мирнеса која ме прифати и буквално ме храни. Мојот стан е на улицата Крал Драгутин, а зградата во која живеам е поплавена. Нивото на водата беше 6,5 метри.“

Соседот е најблизок

Три камиони за превоз на греди и десетина работници упати Есад Турсуновиќ од Стјепан Поље, Алмир Јахиќ со сопствената тешка механизација пред да наиде стихијата градел насип за одбрана на Добој. И навивачите на „Слобода“ од Тузла донесоа помош, токму како и илјадници други кои не ги објавуваат своите активности на социјалните мрежи. Веста дека екипа сплавари од Бихаќ самоволно тргнала кон Добој за да спасува заробени станари го обиколи регионот и расплака многумина во Добој.

Balkan Hochwasser Aufräumarbeiten Bosnien 23.05.2014
Работници од Стјепан Поље во ДобојФотографија: DW/M. Camdzic

„Се потврдува дека соседот му е на соседот - најблизок. Федерацијата се одзва. Тоа и не е изненандување ако знаеме дека Добој предничи на полето на толеранцијата и враќањето на бегалците. Не ни помагаа само соседните општини со кои имаме добро изградени односи и врски, туку помош стигнуваше и од Велика Кладуша, Бихаќ, Цазин, Купрес“, вели за ДВ Слаѓан Јовиќ, шеф на одделението за економија на општина Добој.

„Победи човекот во нас“

„Солидарноста е човечка потреба, зашто човекот е суштество на релации, а тоа значи дека постои само во односите со другите. Тоа чувство на потреба од другиот особено доаѓа до израз во кризни ситуации. Кога состојбата е редовна, солидарноста е пригушена. Наместо соработка, сочувство, подготвеност да му се помогне на другиот, светот гради односи во кои е доминантно натпреварувањето, а не соработката. Во БиХ солидарноста беше само пригушена, но таа е во секој граѓанин“, коментира психологот Ибрахим Прохиќ.

„Победи човекот. За жал, во БиХ не постои институционална солидарност, лошата владеачка олигархија не поседува ни малку емпатија. Во својата интима секој добронамерен граѓанин смета дека реките треба да се повлечат во своите корита, но не и луѓето“, завршува Прохиќ.