1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Хрватска до работа преку роднини и партии

Игор Ласиќ / Александар Методијев1 мај 2013

Претставниците на локалната самоуправа во Хрватска пречесто го злоупотребуваат демократскиот смисол на широко разгранетата мрежа на нивни овластувања. Се’ во корист на сопствениот, роднинскиот и партискиот интерес.

https://p.dw.com/p/18PRG
Фотографија: picture-alliance/dpa

Поголемиот систем на локална самоуправа во хрватските општини и градови начелно има функција на децентрализација на власта и демократизација на општеството. Но, домашната јавност во Хрватска не може да се пофали дека ужива во такви и слични благодети, па затоа се предвидува драстичен пад на гласачкиот интерес на скорешните локални избори. Локалната самоуправа често се доживува како идеален амбиент за разновидни коруптивни активности.

Ваквиот впечаток го потврдува и Зорислав Антун Петровиќ од организацијата Транспаренси интерешнал – Хрватска, кој забележува дека граѓаните на анкетите редовно како најкорумпирани подрачја ги оценуваат, без оглед на редоследот, здравството, судството, политичките партии и локалната самоуправа.

Zorislav Antun Petrović
Зорислав Антун Петровиќ од Транспаренси интерешнал – ХрватскаФотографија: Transparency International

„На луѓето во нивните средини лесно и често им паѓа во очи дека при вработувањата во канцелариите не е пресудна стручноста. Властите се концентрираат на тоа да биде вработена веќе одредена ’вистинска личност’. Значи, одлучувачка е самата блискост со власта“, вели Петровиќ.

Скандалозни кадровски ротации

По сите избори, со заминувањето на дотогашната гарнитура, новиот локален политички врв по правило презема опсежна кадровска ротација. А, таа како да станува гаранција за бројни скандали.

Како добитници во таа игра се бројните членови на победничката партија, како и вообичаениот роднински круг, за кои е измислен и зборот непотизам. Така, на крајниот југ на земјата градежна фирма на братот на градоначалникот на Дубровник Андре Влахушиќ не учествуваше на огласот за наддавање за извршување на капитален сообраќајно-инфраструктурен проект, вреден околу 20 милиони куни или околу три милиони евра. Но, одеднаш тој се појави како т.н. подизведувач на работите, што во Дубровник е негова честа позиција.

Приватен консалтинг на јавен трошок

Во друг случај, коалицискиот партнер на Влахушиќ, Перо Вичан од Независната листа исто така беше некој вид на подизведувач. Осиек, пак, неодамна се прочу во медиумите благодарејќи на бизарниот потфат на Јосип Врбовиќ, поранешниот хрватски амбасадор во Босна и Херцеговина, кој прејде од редовите на опозицијата во редовите на локалната власт, по што Водоводот во Осиек ги вработи неговиот брат и снаата, а адвокатската канцеларија на неговиот син доби право да ја застапува оваа градска фирма во извршните постапки.

Исто така се води сметка и за синот на основачот на ХДССБ Бранимир Главаш, кој во Босна и Херцеговина издржува казна затвор за воени злосторства. Филип Главаш е претседател на градското здружение „Совет на млади“, на кое градот Осиек оваа година му додели, за локални услови, големи 180.000 куни или околу 26.000 евра.

Пример за давање пари на блиски лица има и во Истарската жупанија, каде жупанот Иван Јаковчиќ за директор на новооснованата јавна фирма за консалтинг „Истра голф дизајн“ го постави својот близок пријател Бранко Цуриќ, а во фирмата имаше основачки капитал во висина од 600.000 куни префрлени од благајната на жупанијата. Цуриќ потоа отвори своја фирма во истата област наречена „Голф Адрија“. Жупанот во тоа не виде ништо спорно и целиот случај наскоро падна во заборав.

Ivan Kopric
Проф. д-р Иван Коприќ од Правниот факултет во ЗагребФотографија: DW/I. Lasic

Како ѕвезда во наведената дисциплина – непотизам се смета сплитскиот градоначалник Жељко Керум, кој на сплитскиот Западен брег го откупи единствениот тамошен хотел „Марјан“, а во градските претпријатија управувањето го додели на децата на неговите коалициски партнери, како и на приватни соработници.

Во Хрватска е тешко да се најде чиста единица на локалната самоуправа, почнувајќи од главниот град па се’ до најоддалечената провинција. Но, професорот од Правниот факултет во Загреб Иван Коприќ укажува на тоа дека локалната самоуправа во Хрватска не е поразлична од централната власт.

„Да се обвинува само на локално ниво за проблемите во оваа земја е промашено и бесмислено“, смета проф. д-р Коприќ, според кого излезот од ваквата состојба не е во смалувањето на делокругот на локалните власти, туку во негово доведување во ред, за што повторно е неопходна државата.