1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Турција се излева народниот гнев

Сенада Соколу/ Александра Трајковска3 јуни 2013

Турција ги доживува најголемите протести во последните десет години. На почетокот манифестацијата беше насочена против градежен проект во еден парк во Истанбул. Сега демонстрантите се борат против владата.

https://p.dw.com/p/18ih2
Фотографија: Adem Altan/AFP/Getty Images

Во паркот Гези во Истанбул вчера (02.06.) владееше фестивалско расположение. Таму каде започнаа насилните судири меѓу полицијата и демонстрантите, се собраа илјадници луѓе организирајќи пикник со музика и свеќи. Доброволци носеа јадење и го расчистуваа хаосот од претходните денови.

Во соседната населба Бешикташ, меѓутоа, луѓето продолжија да се борат. На улиците околу плоштадот Таксим подигнаа барикади со саксии за цвеќиња, клупи, откорнати семафори и автобуси. Тие сакаа да и' го попречат патот на полицијата. Во центарот на Истанбул владее и натаму хаотична состојба. Жестоки судири меѓу полицијата и протестантите имаше и во Анкара и во Измир.

Она што пред неколку денови започна како демонстрација против еден градежен проект и сечењето на дрвјата во истанбулскиот парк Гези, во меѓувреме прерасна во протести во целата земја против премиерот Реџеп Таип Ердоган и неговата исламско-конзервативна партија. На протестите се истура народниот гнев, извиците против владата се' се погласни.

Türkei Proteste Regierung Ankara
Протестите во Турција се ширатФотографија: Reuters

„Сите се борат за иста работа“

Слогани како „Таксим ни припаѓа нам, Истанбул ни припаѓа нам“ или „Рамо до рамо заеднички се бориме против фашизмот“ се извикуваа од толпата во паркот Гези. Хомосексуалци, социјалдемократи, комунисти, млади и стари - заеднички го запоседнаа паркот за кои силно се бореа во изминатите денови. За многумина демонстранти тоа има симболично значење. „Ова овде го правиме за да смениме нешто. Се бориме и седиме овде со денови, за да го привлечеме вниманието на владата. Таа треба да не‘ слушне. Сакаме повеќе да бидат почитувани човековите права и доволно ни е од цензура на печатот“, изјави еден 25-годишен демонстрант за ДВ.

Демонстрациите не треба да завршат тука, смета 2- годишниот Езгур Саниоглу. „При овие протести се обединуваат луѓе од различни религии, потекло, јазик, погледи на светот. Сите се борат за иста работа. Ќе се бориме толку долго, додека не се промени нешто. Владата треба да попушти под отпорот од нацијата“, вели Саниоглу.

„Притисокот се насобра“

На плоштадот Таксим мирно се демонстрира. Таму претежно се веат знамињата на социјалдемократите. Демонстрантите добиваат солидарна поддршка и од другите градови. Се планираат и автобуси со поддржувачи кон главниот град.

Türkei Istanbul Ankara Demonstrationen Mai Juni 2013
На барикадиФотографија: Reuters

„Со години нацијата веќе чувствува одреден притисок одозгора. Тоа се насобра. Сега сите излегуваат на улица и протестираат за поголема слобода и еднаквост. Ќе демонстрираме толку долго додека владата не поднесе оставка“, вели една 25-годишна девојка, соработничка на Социјалдемократската партија на Турција.

Во населбата Бешикташ, меѓутоа, вечерта избија нови судири меѓу полицијата и демонстрантите, полицијата притоа употреби солзавец. Дел од демонстарантите не можеа да издржат - очите горат и недостасува воздух. Тие се вратија кон плоштадот Таксим, дел од нив меѓутоа со спреј испишуваа погрдни зборови против премиерот Ердоган на ѕидовите, автомобилите и автобуските постојки. Турскиот министер за внатрешни работи Муамер Ѓулер проценува дека материјалната штета досега изнесува преку осум милиони евра. „Секоја материјална штета казнено ќе се гони“, предупредува Гулер.

Премиерот Ердоган нема разбирање за протестите и навредите ширум земјата. „Во моментов има една напаст по име Твитер. Повеќето од она што таму се пишува не е точно. Она што се нарекува социјални медиуми значи главоболка за нацијата“, изјави Ердоган за турската приватна телевизија Хабер Турк. Тој исто така ги најави неговите планови за плоштадот Таксим: културниот центар „Ататурк“ ќе биде урнат и на плоштадот ќе се изгради џамија, вели Ердоган. „За тоа нема да барам дозвола ниту кај опозицијата ниту кај други ограбувачи. Дозволата веќе ја имаме од луѓето кои не' избраа“, вели Ердоган.

Global Vienna Forum 2013 Erdogan
Премиерот ЕрдоганФотографија: Reuters

И покрај немирите во земјата и силната критика против него и неговата влада, Ердоган ќе замине на планирано патување во странство. Меѓу другите земји, тој деновиве треба да ги посети и Мароко и Алжир.