Во трка со топењето на глечерите
Не само што се еколошки важни, туку глечерите претставуваат и архива на историјата на климата. Во Австрија научниците се обидуваат што поскоро да ги проучат, пред да се стопат.
Убави, загрозени...
Со снег покриени планини ја опколуваат Горска долина во западна Австрија. Тамошните алпски глечери реагираат посебно чувствително на промената на климата и се топат побрзо од останатите. Нивното значење не е само еколошко.
... и полни со информации
Глечерите истовремено претставуваат и леден архив. Во нив се содржани информации за климата во изминатите столетија. Андреа Фишер, научник која ги истражува глечерите, со години со својот тим ги проучува податоците.
Работа на терен
Научниците продираат длабоко во мразот на глечерите. Тие имаат подигнато базна станица на Белиот врв, висок 3.526 метри, во студот и снегот. Навистина студена професија!
Тунел во минатото
Во внатрешноста на глечерот научниците трагаат по стар мраз. Нов не наоѓаат, зашто е веќе стопен. „Се наоѓаме отприлика кај 1920 година. Остатокот е веќе загубен, се` од 1920 наваму“, вели Андреа Фишер од Институтот за инстердисциплинарни геолошки истражувања во Инсбрук.
Стар мраз - стара клима
Фишер смета дека мразот може да е стар меѓу 3.000 и 5.000 години. Тој содржи пред се` детални информации околу врнежите. Овде е компресиран со векови стар снег, а слично како и кај прстените на стеблата на дрвјата, може да се идентификува снегот таложен од година во година.
Екстремна густина на податоците
Научниците од Инсбрук продупчиле до дното на глечерот, за да земат проби од мразот. Долните слоеви се со поголема густина од горните, што значи еден метар мраз во себе може да содржи податоци од илјадници години. „Но, немаме многу време на располагање“, вели Фишер. Глечерот наскоро може да се стопи.
Со тешка механизација
Еколошкиот физичар Паскал Болебер од австрискиот Институт за интердисциплинарни геолошки истражувања со моторна пила пресекува проба од мраз од глечерот Шауфелфернер. Пробите со хеликоптери се транспортираат во лабораторија.
Утврдување старост со инфрацрвени ласери
А колку е стар мразот? Тоа се одредува во лабораторија со помош на ласери со инфрацрвени зраци. Научниците го екстрахираат гасот аргон од воздушните меурчиња настанати во мразот. Преку концентрацијата на аргон можат да ја одредат староста на воздухот и со тоа и староста на мразот.
Трка со времето
Бидејќи глечерите се топат се` побрзо, на научниците не им останува многу време за собирање на податоци. Притоа, тие податоци се екстремно важни за истражувачите на климата.