1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Скопје протести, во Стразбур и Брисел разговори

Катерина Блажевска16 мај 2015

Опозицијата и власта подготвуваат собири, Советот за надворешни работи на ЕУ се подготвува да излезе со единствен став за состојбите во Македонија, а Заев и Груевски да разговараат за излез од кризата во Стразбур.

https://p.dw.com/p/1FQa0
Фотографија: DW

Додека во Скопје забрзано течат подготовките за двата големи собири - едниот антивладин кој ќе започне на 17 мај, другиот провладин на 18 мај, стигна вест дека лидерите на СДСМ, Зоран Заев и на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, наредната недела ќе заминат во Европскиот парламент во Стразбур, каде ќе се сретнат со европарламентарците на нивно барање. На средбата ќе се разговара за решение за излез од политичката криза. За да може да се оствари средбата, вчера на лидерот на СДСМ, Зоран Заев му бил вратен пасошот кој му беше одземен поради случајот „Пуч“.

Од двете партии се воздржани и не сакаат да зборуваат за овие иницијативи. Но, пред да се оствари таа средба, во понеделник Советот за надворешни работи на ЕУ ќе излезе со единствен став во врска со случувањата во Македонија и пристапот кој треба да се преземе.

„Европа дејствува единствено“, изјави бугарскиот министерот за надворешни работи, Даниел Митов.
„Ние ќе имаме дискусија на Советот за надворешни работи во понеделник, токму на темата 'Република Македонија и случувањата таму'. Таа ќе доведе до единствен став на сите министри за надворешни работи на ЕУ и за приодот кој оттука натаму треба да се преземе. Бугарија ќе даде придонес и ќе биде активен дел од трансформацијата, која и онака треба да се случи“, изјави Митов за бугарската национална телевизија.

Истовремено, претставници на меѓународната заедница порачуваат дека е важно што поскоро да се спроведе транспарентна и независна истрага за сознанијата од аудио-снимките што ги презентираше опозицијата. Амбасадорот на ОБСЕ во Македонија, Ралф Брет, изјави дека за таа цел е најдобро да се формира посебно истражно тело од домашни правници, а во обвинителството нов совет на обвинители, кои мора да работат по највисоки професионални стандарди. Според него, во нив треба да учествуваат реномирани домашни експерти.

Kombobild Zoran Zaev und Nikola Gruevski
Зоран Заев и Никола Груевски

Опструкции за протестот в недела

Додека во дипломатските кабинети се разгледуват политичките инструменти што би помогнале за излез од кризата, на терен забрзано течат подготовките за утрешниот граѓански и натпартиски антивладин протест. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, соопшти дека опозицијата се соочува со големи опструкции од функционери на власта, под чиј притисок автобуски превозници ги откажале договорите за закуп на автобусите, иако за нив веќе бил платен аванс. Истите автобуси експресно биле резервирани од граѓански здруженија блиски до власта, за превоз за провладиниот митинг на 18 мај. Со такви опструкции опозицијата се соочила во повеќе градови - Битола, Струга, Охрид Кочани, Велес, Прилеп...

„Се прават натчовечки напори, за да се ангажираат комбиња и автобуси за да може да дојдат граѓаните во недела во Скопје. Иако високи претставници на власта прават притисоци, народот ќе дојде. Ако треба и со багери и тактори“, рече Заев. Тој уште еднаш повтори дека опозицијата прави сé за протестите да бидат ненасилни и мирни.

„Нашите безбедносни служби во минатиот тежок викенд низ кој помина Македонија, постапија професионално до крај. Немаше цивилни жртви, а загинати се осум припадници на безбедносните служби. Обврска е на секој граѓанин да им дадеме поддршка и на полициските сили во Македонија кои ќе ги обезбедуваат државните институции за време на протестот.
Сите членови на СДСМ добија задача со телефоните да снимаат макар и чекор на насилство на некој поединец. Огромна бројка на млади луѓе ќе бидат тампон зона помеѓу полицијата и граѓаните што ќе протестираат. Истовремено, 4.600 активисти, самоиницијативно одлучија да останат, за протестот да продолжи во континуитет. Знаејќи дека не сме единствени учесници на овој се‘народен протест, туку и многу граѓански здруженија и поединци, одлуката е - остануваме до крај. Остануваме на протест, се‘ додека Груевски не даде оставка“, најави Заев.

На здружената опозиција вчера ѝ се приклучија уште три партии кои ќе присуствуваат на протестот: „Нова алтернатива“, „Обединети пензионери и граѓани на Македонија“ и „Партијата на економски промени 21“.

На утрешниот граѓански протест закажан за 14 часот, според најавите, се очекува да се појават и поранешните амбасадори Ерван Фуере и Симоне Филипини. Ричард Ховит кој е еден од посредниците во дијалогот што се води во ЕУ помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, ќе биде присутен на маршот, но како што истакна, во улога на набљудувач. Најавено е дека на протестот пред присутните ќе се обратат повеќе говорници, дел европски гости, дел од регионот.

Истовремено течат и подготовките за провладиниот протест. На Јутјуб веќе се појави видео со најава на големиот митинг во понеделник, со почеток од 20 часот. Зад мотото „Силна Македонија“, течат пораки за инвестиции, субвенции и за владина поддршка на разни социјални групи. На Јутјуб вчера беше објавено уште едно видео со поддршка за Владата на Груевски. Се огласија „Анонимуси“ со порака до македонските граѓани и до премиерот Груевски, да не веруваат во ништо што објавува опозицијата, која прави се‘ само за да искреира вештачки конфликт. Тие на опозициската СДСМ и‘ порачаа: „Анонимуси се ваш непријател затоа што играте нечесно, со лажни и патетични обвинувања. Вашите лаги ќе бидат разоткриени“.

Bildergalerie Kumanovo Kämpfe Nachklapp
Во Куманово е мирноФотографија: Getty Images/AFP/A. Nimani

Мирна ноќ во Куманово

По вчерашната полициска блокада на две улици во центарот на Куманово, која беше неофицијално објаснета како безбедносна превентива, вниманието и денеска е насочено кон состојбите во овој град.

„Ноќеска беше мирно, нема никакви инциденти, се‘ тече вообичаено“, вели градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски. Според него, полициска блокада и натаму има, но само во должина од 200 метри на улицата „11 Октомври“, во делот каде се сместени објектите на општината, судот и полицијата. Од синоќа пред зградата на полицијата биле поставени вреќи со песок, како заштитна бариера.

Животот во Куманово продолжува со вообичаен ритам. Единствената „измена“ е во тоа што отсекот за превенција при СВР Куманово заедно со директорите на петте средни училишта од градот, вчера заеднички се договориле матурските прослави да поминат без вообичаената еуфорија со дувачки оркестри на плоштадот, како и без традиционалниот танц „Квадрил“. Одложени се сите културни настани.