1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во рововите на замрзнатиот конфликт

Кристофер Бобин/бг10 март 2015

Фоторепортерот Кристофер Бобин се упати во посета на фронтот во источна Украина. Она што го затекна потсетува на некоја замрзната слика од 1914 година и фронтовите од Првата светска војна.

https://p.dw.com/p/1EnxY
Фотографија: Christopher Bobyn

Поручникот Игор и неговиот помошник Артем стојат на перонот во Дњепропетровск, чекајќи трпеливо да се појави фоторепортерот. Еден поглед кон нив е доволен да се заклучи дека украинската армија не е во добра состојба. Униформите им се од втора рака, една е од британските воени залихи, а другата има маскирна мустра на германските единици. Покрај знаменцата на Велика Британија или Германија, на униформите зашиле и украински. „Дури вчера го добивме овој автомобил“, вели Игор откако седнува зад воланот. „Подарок од Холандија. Но не сакаат да ни испратат оружје“. Подарокот е Фолксваген Пасат, произведен кон средината на 90-те години. Украинската армија му ставила свои ознаки и го прилагодила на воените потреби - на совозачкото место е сместен минофрлач!

Игор и Артем со тоа возило превезуваат храна и завои, тие се припадници на единицата за снабдување. Секој ден возат до фронтот, сретнуваат бегалци кои останале без ништо и исцрпени војници. И едните и другите се целосно зависни од испораката на помош. А таа во најголем дел се состои од приватни донации.

Ukraine eingefrorener Konflikt
Кој можел, побегнал: на линијата на фронтотФотографија: Christopher Bobyn

На патот кон првата линија растенијата во степската рамнина се сѐ пооскудни. Земјата е полна со белези од артилериските удари, избраздена со гасеници од тенкови или испресечена со ровови. Бункерите го заокружуваат впечатокот на негостољубивиот пејзаж. Така ги замислуваме и војниците од Првата светска војна: војници кои во ровови подготвуваат храна на оган, набљудувајќи ја другата страна со перископи кои извираат од вреќите со песок.
Снајперистите на проруските сили шират страв. Игор и Артем често ми ги покажуваат крововите на фабриките или црковните кули, предупредувајќи ме да побрзам: „Ако ти кажеме да потрчаш, побрзај. Не сакаме да не‘ убијат поради некој фотограф“. А не е баш едноставно да се трча со панцир тежок 12 килограми, под шлем, со три камери и чанта полна објективи.

Ukraine eingefrorener Konflikt
Во бункерФотографија: Christopher Bobyn

За војниците на 28. моторизирана пешадиска единици, стационирани во местото Маринка, доаѓањето на фотографот е настан кој ја разбива здодевноста. По повеќемесечни борби, од местото останале само урнатини. Нестабилното примирје е полно со тензија. „Паузата нема долго да трае, затоа мораме да се подготвиме за следните обиди“, велат двајцата млади војници, влечкајќи сандаци со муниција. На нив носат стари полски униформи. Позициите на сепаратистите се оддалечени само 400 метри.

Ukraine eingefrorener Konflikt
Непријател на хоризонтот!Фотографија: Christopher Bobyn

Војниците на Шестата чета веќе три месеци живеат во рововите на Станицата број девет. Два оклопни транспортери се длабоко вкопани во земја, а од калта се наѕираат само цевките на автоматите. Командантот има прекар „Бура“. Тој се потсетува: „Последен пат бевме под артилериски оган на 13 февруари, баш го погодија датумот. Но не нѐ погодија. Русите лошо нишанат“.

Некаде во далечината се извива чад, веројатно по удар на граната. Експлозијата треба само да го застраши противникот. Украинските војници го игнорираат ударот, продолжуваат да ги прелистуваат весниците зад вреќите со песок. Од донациите за појадок добиваат сланина и домашен мармалад.

Ukraine eingefrorener Konflikt
Мобилните телефони за контакт со светотФотографија: Christopher Bobyn

Попладнето во студениот бункер со метални ѕидови се пие кафе. Војниците на своите мобилни телефони покажуваат фотографии на паднатите другари. Други телефонираат со семејствата. Во граѓанската војна е добро тоа што телефонски на децата можеш да им посакаш добра ноќ, а не си во роаминг. Војниците потсетуваат на обични службеници кои работат прекувремено, па се јавуваат дома дека ќе задоцнат. Сцената е речиси надреална. Исто како и нашето враќање во Киев. Пред да ме однесат до станицата во Дњепропетровск, Артем и Игор сакаат да каснат нешто нормално. Влегуваме во Мекдоналдс. Игор и Артем потоа повторно се упатуваат кон фронтот. Нивниот Пасат се тркала по калливите патишта на источна Укрина водејќи ги во војна, или во замрзнат конфликт.