1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегалската криза ги засили позициите на Груевски

Б. Георгиевски/стандард/пресе8 април 2016

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ и Груевски добиваат поддршка од Европските народни партии поради затворањето на границата за бегалците, пишува австрискиот печат. Тешко е да се очекува ново одложување на изборите во Македонија.

https://p.dw.com/p/1IRrx
Фотографија: picture-alliance/Chromorange/E. Weingartner

Преку затворањето на бегалската рута Македонија доби централна улога од страна на ЕУ, а преку тоа се засили и позицијата на експремиерот Никола Груевски, пишува австрискиот весник Дер Стандард. Повеќе австриски весници денеска ја анализираат политичката состојба во земјата во пресрет на најавените избори на 5 јуни, а посетата на министерот за одбрана Ханс Петер Доскоцил го насочи вниманието и кон безбедносните предизвици во регионот.

„Состојбата (во Македонија) е комплицирана. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која во изминативе години владее се поавторитарно, веќе еднаш се согласи на одложување на изборите. Ново одложување ќе биде тешко да се постигне.
Во принцип одлуката зависи од проценката на Изборната комисија. Избирачките листи содржат многу илјадници непостоечки лица. На изминатите избори овие 'мртви' како со магично стапче се будеа и гласаа- мнозинството се разбира за ВМРО-ДПМНЕ“, пишува Дер Стандард.

„(...)Преку затворањето на балканската рута- а Македонија ја презеде оваа задача- земјата доби централна улога од ЕУ. И позицијата на експремиерот поради тоа зајакна. Особено од членовите на Европската Народна партија- и оние од Австрија- му беше изразена поддршка поради бегалската политика. ВМРО-ДПМНЕ е поврзана со Европската народна партија и има статус на набљудувач. По изборите дипломатите ќе треба засилено да работат на изнаоѓање решение за спорот за името со Грција, со што би и се отворил патот на Македонија кон ЕУ и НАТО“.

„(...) Терминот на 5 јуни е важен за ВМРО-ДПМНЕ. Колку подоцна ќе се случат изборите, толку е поверојатно дека Специјалното јавно обвинителство ќе стави под лупа повеќе злоупотреби на Владата и шансите на ВМРО ќе бидат помали.

„(...)Во анкетите ВМРО-ДПМНЕ има предност. Тоа не треба да изненадува, затоа што како владејачка партија се уште ја има можноста да дели работни места во јавниот сектор- а тоа во Македонија е повеќе од важно“, пишува Дер Стандард.

Закана за австриската амбасада во Скопје?!

Посетата на австрискиот министер за одбрана Ханс Петер Доскоцил беше повод за дел од медиумите да предупредат и на заканите од тероризмот на Балканот и посредно кон Австрија.
Извори од тајните служби брифирале за Ди Пресе дека постојат „реални закани“, наводно и кон австриската амбасада во Скопје.
„Повеќепати се спречени терористички планови. На нишан на екстремистите била и австриската амбасада во Скопје. (...) Од тие причини тајните служби на Австрија и Македонија се во постојан контакт. Притоа, тукашните џихадисти имаат пристап до широко распространета мрежа која достигнува до Косово и Босна“.

Österreich Hans Peter Doskozil Verteidigungsminister
Ханс Петер ДоскоцилФотографија: picture-alliance/epa/M. Kanizaj

Македонскиот министер за одбрана Зоран Јолевски за весникот изјавил дека земјата не е соочена со „акутна опасност од тероризам“. Но, потврдил дека 70 припадници на „Исламската држава“ досега се вратиле во земјата.
Во знак на благодарност за затворањето на границата, Доскоцил на Јолевски му подарил 15 парчиња користена опрема за ноќно набљудување. Според Ди Пресе, нова ваква опрема на пазарот чини околу 10 илјади евра за парче.