1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Во земјата на крв и мед“- злосторството не е заборавено

14 февруари 2012

Филмот на Анџелина Џоли „Во земјата на крв и мед“, чија кино премиера е денеска (14.02) во Сараево, на вистински начин ги претставува стравотните злосторства, оценуваат здруженијата на жртвите во Босна и Херцеговина.

https://p.dw.com/p/142zw
Сцена од филмот „Во земјата на крв и мед“Фотографија: AP

Жртвите од војната тврдат дека филмот на Анџелина Џоли „Во земјата на крв и мед“ е реален приказ на злосторствата и тортурата низ кои минале многу жени во Босна и Херцеговина. Претседателката на сојузот на логорашите на Кантонот Сараево, Ениса Салчиновиќ, вели дека Џоли многу веродостојно ги прикажала воените случувања во Босна, „особено сексуалните злоставувања на жените во логорите на Војската на Република Српска“.

„Говорејќи од агол на жртва, можам да кажам дека филмот реално ја прикажува агресијата врз БиХ, особено она што нам, жртвите, ни‘ се случуваше во 1992 година“, вели Салчиновиќ.

Претседателката на „Друштвото на загрозени народи“, Фадила Мемишевиќ, признава дека не очекувала филмот толку верно да го отслика страдањето на босанските жени. Таа вели дека преживеаните жртви по проекцијата биле „многу потресени и благодарни на американската режисерка што ги извлекла од заборавот овие страшни злосторства“.

Internationale Filmfestspiele Berlin Berlinale 2012
Анџелина ЏолиФотографија: Ken Regan/2011 GK Films

„Реакциите во БиХ и во регионот говорат дека филмот е и тоа како реален. БиХ и Србија уште не доживеале катарза, се’ уште не се соочиле со минатото и затоа реакциите се толку поделени“, вели Мемишевиќ.

Воена драма заснована на факти

Претседателката на здружението „Жртви на војната“, Бакира Хасечиќ не го гледала филмот, но во медиумите видела инсерти врз основа на кои тврди дека Џоли „добро ја прикажала агресијата и геноцидот во БиХ“. Меѓутоа, таа истакнува дека филмот има и спорни делови.

„Сето она што нам ни‘ се случи не може во целост да се пренесе на филмското платно. Не можело да има љубов меѓу воени злосторници и нивните жртви. Има сцени кои длабоко ги навредуваат жртвите“, тврди Хасечиќ.

Filmstill zu In the Land of Blood and Honey
Горан Костиќ и Раде ШербеџијаФотографија: AP

Центарот за постконфликтни истражувања е еден од организаторите на кино-премиерата на филмот во БиХ, која е најавена за денеска. Директорката на центарот Велма Шариќ вели дека филмот е реален приказ на воените ужаси во земјата.

„Мислам дека филмот на Џоли реално го прикажува она што им се случувало на жените во БиХ, за што говорат и официјалните податоци на ОН“.

Според тие податоци, во БиХ во текот на војната биле силувани околу 50 илјади жени, а во филмот „Во земјата на крв и мед“ авторката им упатува критика во прв ред на претставниците на меѓународната заедница која не реагирала навремено за да ја спречи трагедијата.

Автор: Самир Хусеиновиќ/Б. Георгиевски

Редактор: Е.М. Фиданоска