1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Грција и Турција поделени реакции на успехот на Меркел

Ј. Пападимитриу/ С.Соколу/ А.Трајковска24 септември 2013

Во Грција стравуваат од политиката на штедење на Меркел. Во Турција погледот е свртен кон новите пратеници со турско потекло во Бундестагот.

https://p.dw.com/p/19mwr
Фотографија: Getty Images

„Победа на кралица на политиката на штедење“ гласи насловот во атинскиoт весник „Та неа“. На насловната страница е отсликана фотомонтажа од Ангела Меркел со круна, која седи на златен трон и среќно се смее. Граѓанско-конзервативниот весник „Елефтерос типос“ пак пишува за „Триумф за Меркел и за германската марка!“. Со ова всушност се алудира на резултатот на партијата Алтернатива за Германија, којa повторно се изјасни против еврото.

Грчките политички аналитичари оценуваат дека во Берлин најверојатно ќе биде формирана Голема коалиција, на Христијaнско-демократската унија и Социјалдемократската партија. Меѓутоа, вистински политички пресврт и во овој случај не се очекува, смета Јоргос Цогопулос од атинскиот тинк-тенк „Елиамеп“ во разгвоор за ДВ. Сепак учество на СПД во идната влада во Берлин секако ќе даде позитивен правец за европската политика, смета Цогопулос и како пример ја наведува дискусијата за заеднички механизам за гаранција во рамките на можна европска банкарска унија: Овој инструмент за борба против кризата социјалдемократите позитивно го оценуваат, но од ЦДУ и натаму има црвен картон за него.

За шансите за голема економска програма за обнова за Грција и јужна Европа - за која впрочем се изјаснија водечки политичари од СПД - Цогопулос е скептичен: Оваа дискусија секогаш привлекува внимание во медиумите, но има малку содржина.

Турција: Не се очекуваат промени

За разлика од Грција турската јавност помалку се интересира за политиката и стопанството, туку пред сѐ за улогата на Германците-Турци во Германија. Турскиот министер за ЕУ Егемен Багис кратко пред објавувањето на резултатите во неделата (22.09.2013) преку Твитер напиша: „Изборите, кои денеска се одржуваат во Германија, за нашите тамошни браќа и сестри претставуваат шанса да ја зајакнат нивната позиција во Германија“. По изборите турската новинска агенција Цихан и веснико Хуриет преку Твитер објавија: „Единаесет пратеници со турско потекло влегуваат во германскиот парламент“.

Од нов мандат на Ангела Меркел во Турција не очекуваат многу, вели Емре Гунет, политиколог на Европскиот институт на истанбулскиот Билги универзитет, во интервју за ДВ. „Ова е поради тоа што Турција не очекува промени во германската политика под раководство на Меркел“ Германската канцеларка нема да го смени ставот, одбивањер на пристап на Турција во ЕУ - и ниту еден коалиционен парнер не може да предизвика промена на курсот, смета Гунен.