Во Бразил опаѓа поддршката за фудбалскиот Мундијал
26 февруари 2014Бразил- земја на самбата, карневалот и фудбалот? Самба и карневал- секако. Но, кога станува збор за фудбалот повеќе не можеме да бидеме сигурни, барем не судејќи според резултатите на една штотуку објавена анкета. Агенцијата Датафоља во рамките на истражувањето на јавното мислење во цел Бразил анкетирала 2614 граѓани во 161 општина во земјата.
Во Бразил имено опаѓа поддршката за организацијата на Светското првенство. Само 52 насто од Бразилците се задоволни од фактот дека нивната земја за четири месеци ќе биде домаќин на најдобрите репрезентации и најдобрите фудбалери во светот. Исто така 52 насто од испитаниците го поддржува одржувањето на демонстрации на кои граѓаните го изразуваат незадоволството од политиката на владејачките структури, меѓу другото и поради големите инвестиции во организацијата на Светското првенство во фудбал.
Најголема поддршка меѓу бразилските граѓани, Мундијалот 2014 имаше во ноември 2008. година. Тогаш дури 79 насто Бразилци беа „среќни“ поради правото да бидат домаќини на СП. Во меѓувреме многу нешта се променија. Имаше големи проблеми во изградбата на стадионите, пред сѐ не беа почитувани роковите за завршување на изградбата. Се случи експлозија на трошоците за организација на Мундијалот и како последица на тоа беше одложена реализацијата на важни инфраструктурни проекти.
Скептични Бразилци
Сето ова значително ги „олади“ темпераментните Бразилци. Поддршката за мега-настанот, кој ќе се оддржи од 12. јуни до 13. јули, опаѓа, а со иста брзина расте бројот на Бразилци, кои се против Светското првенство. Во моментов ги има дури 38 насто.
Ова е досега рекордна стапка забележана откако во Бразил се мери „расположението“ околу Мундијалот. Во ноември 2008. година, непосредно по добивањето на правото на домаќинство, само десет насто од Бразилците беа против фудбалскиот спектакл. Во последната анкета инаку 10 насто Бразилци тврдат дека Мундијалот воопшто не ги интересира и оти им е сеедно.
На прашањето: Поддржувате ли нов бран протести во земјата? 52 насто се изјасниле „за“ додека 42 насто биле „против“. Пред нешто помалку од една година, за време на Купот на конфедерации во Бразил, демонстрациите кои тогаш се случуваа во земјата и во дел ескалираа во безредија и судири со полицијата, ги поддржуваа 80 насто од граѓаните на оваа јужноамериканска земја.
Демонстрации за време на Светското првенство подготвени се да поддржат само 32 насто од Бразилците. Мнозинството (63%) сметаат дека за време на турнирот треба да владеат фудбалот и мир во земјата.